Образованието е во хаос. Те најавената реформа никој не ја прифаќа, те сексуално воспитание за најмалите деца се отвара што е крајно чудно, те матурантите имаат проблем…
И еве, матурантите продолжуваат со бојкотирање на наставата. Викендот што измина на заканите од професорите и директорите одговорија со закана: ќе ги објават имињата на сите кои им се закануваат со неоправдани, бркање од училиште и други начини. Матурантите се разочарани што министерството и министерката Мила Царовска немаат слух да им ги скратат испитите од државната матура заради ковид епидемијата. Министерството тврди дека тоа во овој момент е невозможно.
Решение нема на повидок. Но ситуацијата не смее да остане вака, заради тоа што расте револтот кај младите, и покрај онлајн учењето кое го ускрати вистинскиот начин на држење настава- сега дополнително и бојкотот ќе биде уште еден фактор за практично изгубена учебна година. Родителите се ставени на средина, помеѓу цврствиот став на децата да го изразат револтот преку бојкотирање и притисоците од професорите и училиштата да ги убедат да се вратат на настава.
-Ако можеше преку ноќ да се напрви и извади во јавност нова образовна концепција за спојување на предмети и слично тогаш зошто да не може да се изнајде решение за да се прекине бојкотот на матурантите?! Или кога им одговара на надлежните тогаш остануваат доследни на своите брзи одлуки и т.н. реформи, и покрај тоа што 90 проценти од експертската и општата јавност ги критикува нивните решенија?! – коментираат граѓаните на социјалните мрежи.
Од надлежните се очекуваат решенија, затоа се поставени и така треба да служат. Во меѓувреме Сојузот на средношколци, од денеска ќе оди со пријавување на имињата на сите кои ги притискаат матураните со цел да престане бојкотот.
-Било какви закани и каков било притисок што ќе го имаме, ќе биде документиран, ќе ги праќаме до сите медиуми за да откриеме кои се заканите и кои се тие што вршат притисок врз учениците. Оние кои се осмелуваат да се закануваат од понеделник, секој директор треба да знае дека неговото име ќе биде испратено до сите медиуми и сите телевизии во земјава, велат од таму.
Министерката Мила Царовска ги повика да се вратат на настава, но до овој момент не најавила закажување на средба со матурантите или некој друг начин на делување.