Со филмовите на Јовановиќ и Надаревиќ стартува февруарската програма на Кинотека

Со проекциите на неодамна починатите Душан Јовановиќ и Мустафа Надаревиќ стартува февруарската понуда на Кинотека што почнува од денеска. Сеќавања на старите добри мајстори на филмскиот занает од домашната и светската кинематографија, увид во поновата домашна и странска продукција, нови остварувања за тинејџерите и најмладите гледачи, како и потсетување на некои подзаборавени вредности кога филмот во светот – посебно Холивуд и независните продукции трагаа по нови естетски изрази – е понудата на репертоарот.

-А дали ги знаете раните филмски дела на Френсис Форд Копола, пред да стане планетарно познат по култниот филмски серијал „Кум“? Во февруари ќе имате можност да го видите неговиот хорор-трилер „Деменција13“. Ќе имате можност да го видите и класичното вестерн-остварување „Одметникот“ на холивудскиот „чудак“ Хауард Хјуз, „Пресметка кај О.К. коралот“ на Џон Стерџис, „Улица на гревот“ на големиот мајстор на визуелниот израз Фриц Ланг овој пат во холивудско пакување, почетоците на „новиот Холивуд“ со „Човекот со златната рака“ на Ото Преминџер, неколку остварувања од некогаш популарниот жанр филм-ноар; а на програмата е и „Глен или Гленда“, филм на „најлошиот режисер на сите времиња“ Ед Вуд (оваа титула, сепак, сфатете ја само метафорично, бидејќи Вуд со сите негови мани одамна има култен статус кај филмофилите). Тука е и малку потценетото остварување „Интервју“ на Федерико Фелини од неговата зрела фаза во творештвото, па ќе имате можност да ги преиспитате критичките ставови околу него, информираат од Кинотека.

На програмата се и македонските остварувања „Стела“ на Стојан Вујичиќ (првиот македонски долгометражен игран филм од детскиот жанр) и „Дедо и внук“ на Илија Пиперковски. Конечната порака од Кинотека е очекувано, да се почитуваат здравствените протоколи.

Претходна вестМинистерството лесно прави нов концепт за образование, ама тешко решава проблем со матурантите
Следна вестПроменливо облачно со слаб до умерен ветер