Неодамнешното апсење на тројца крадци на велосипеди во Скопје кај многумина ограбени граѓани ја разбуди надежта дека ќе си ги повратат украдените точаци. Уште повеќе и од причина што полицијата соопшти дека се запленети и 26 велосипеди и ги повика оштетените граѓани да ги препознаат велосипедите кои им биле украдени. Голем дел од граѓаните побрзаа да ги видат запленетите точаци во кругот на полициската станица во Карпош, но брзо се разочараа.
Од реакциите на граѓаните на социјалните мрежи, посебно на ФБ-групата „Украдени точаци“ се гледа дека речиси никој не го нашол украдениот велосипед. Едноставно, меѓу запленетите работи доминирале стари велосипеди кои ни од далеку не наликуваат на нивните кои биле украдени.
–Тука нема ни еден велосипед над 100 евра…Каде се скапите велосипеди што ги нема? Овие се од нафталин… Правите велосипеди кои се крадат, кај се ? Ова се кантите, убавите одат некаде…, беа само дел од прашањата кои ги поставија граѓаните.
Прашањата сигурно дека се оправдани, и овој случај повторно отвора дилеми. Полицијата си го направила своето во овој случај и фатила крадци кај кои во тој момент имало такви стари точаци. Но, вистинското прашање е каде завршуваат нови, модерни и скапи точаци кои последниве месеци масовно се крадат по градот?
Очигледно, постојат повеќе групи крадци но, исто така, како што неодамна кажаа оштетените граѓани за „Скопско ехо“, извесно постои и цела организирана шема за крадење, изнесување од земјата и препродавање на велосипедите. Тоа само потврдува дека полициските акции не смеат да запрат по овој случај туку, напротив, да продолжат додека не се најдат сите оние кои и деновиве пак продолжуваат да крадат велосипеди.