Транспортниот сектор има клучна улога во развојот на регионалната економија и секое ограничување на работењето на превозниците може да има сериозни негативни последици за целиот регион на Западен Балкан, истакна вицепремиерот Александар Николоски.
Во рамки на работната посета на Загреб, Николоски оствари средба со претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Лука Буриловиќ, на која главен фокус беше проблемот со македонските и регионалните превозници и примената на правилата за електронска евиденција на престој во шенген-зоната.
Вицепремиерот нагласи дека целта на средбата е обезбедување силна поддршка од хрватската бизнис-заедница и заеднички настап кон институциите на Европската Унија, со цел изнаоѓање соодветно и применливо решение. Според него, доколку проблемот не се надмине, постои реална опасност од нарушување на економската стабилност и развојот не само во Македонија, туку и во поширокиот регион.
Покрај прашањето за превозниците, на средбата било разговарано и за зголемување на трговската размена и унапредување на економската соработка меѓу двете земји.
Николоски изрази задоволство од соработката со Стопанската комора на Хрватска, оценувајќи ја како важен мост меѓу бизнисите во двете држави. Тој посочи дека политичките односи се на највисоко ниво и треба да бидат проследени со посилни економски врски, со цел трговската размена да достигне половина милијарда евра, а во иднина и до една милијарда евра.
Говорејќи за состојбата со превозниците, Николоски апелираше Европската Унија да ги третира професионалните возачи како работници, а не како туристи или мигранти, нагласувајќи дека во спротивно ќе се нанесе сериозен удар врз европската економија, имајќи предвид дека голем број компании се извозно ориентирани и зависат од непречен транспорт.
Тој уште еднаш ја изрази поддршката за протестите на превозниците и повика проблемот итно да се реши, со цел од 10 април да нема дополнителни блокади и ограничувања.
Претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Лука Буриловиќ, истакна дека економската соработка меѓу двете земји изнесува околу 330 милиони евра, но дека постои значителен потенцијал за нејзино унапредување. Тој нагласи дека инфраструктурните проекти, особено во железничкиот сектор, отвораат можности за продлабочување на соработката меѓу хрватските и македонските компании.