Во рок од два дена клучните фактори за носење и спроведување политики на тема спречување на загадувањето, дадоа чудни изјави што ги „фрлија“ луѓето во револт и шок – најмногу скопјани. Имено, од настапите на градоначалникот на Скопје и министерот за животна средина, може само да се заклучи дека „ со прст слабо не мрднува, како овие луѓе да не живеат во еден од најзагадените градови во светот?“ – коментираат скопјани.
Прво, водачот на градската администрација Петре Шилегов смета дека „не станувало збор за загадување, туку за магла“. Тој изрази загриженост поради загадувањето, но не спомена никаква мерка или план за да се избегне истото.
Главниот лик пак од централната власт, министерот за животна средина Насер Нуредини, ги обвини граѓаните. Тие биле првата и главна причина за загадувањето. За фабриките само кусо констатираше дека требало да се санкционираат построго.
– Причината за ова е што граѓаните се враќаат дома и го вклучуваат греењето, но тоа не се само домовите на луѓето, туку и други објекти во државата, а потоа имаме и воздушен притисок. Значи, една од причините, за жал, е греењето во нашите објекти и домови. Друга причина дефинитивно е индустријата што треба да се контролира, и можеби треба да има поригорозни контроли во иднина, посочи Нуредини.
Од Иницијативата О2, сметаат дека на централно ниво не е направено доволно против загадувањето и дека со промената на власта плановите за чист воздух се во застој.
Граѓаните не гледаат излез. Дел се надеваат дека надлежните ќе се освестат бидејќи и нивните семејства го дишат истиот воздух, а другиот дел се лути бидејќи се чувствуваат изневерени оти го дале својот глас за политичка опција која вети намалување на загадувањето за дури 50 проценти. Бесплатните маски никој не ги споменува. И оние кои имаат и оние кои немаат финансии се оставени сами во борбата со „тандемот“ загаден воздух и ковид 19- чие цунами допрва следува.