Денеска во Уставниот суд на Македонија, градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, достави одговор на Иницијативата за оцена на уставноста и законитоста на Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови од 27.3.2019 година.
-Врз основа на тврдења наведени во Иницијативата, ја информираме јавноста дека Деталните урбанистички планови кои што се опфатени во Одлуката за начиниот на применување на деталните урбанистички планови од 27.3.2019 година, не се усогласени по ниту еден основ со Генералниот урбанистички план на Град Скопје од 2012 до 2022 година. ДУП-те кои се опфатени со одлуката од страна на Општина Центар, се констатирани како штетни и како локална самоуправа сметаме дека директно и индиректно ќе влијаат врз загрозување на животот и правата на граѓаните кои произлегуваат од планската документација, доколку останат во сила.
Донесувањето и спроведувањето на деталните урбанистички планови претставува дел од двостепеноста на системот на урбанистичкото планирање. Ако генералните урбанистичките планови служат за да ја одредат намената на земјиштето и функционалната организација на просторот, примарните инфраструктурални мрежи и основните услови за изградба, деталните урбанистрички планови служат за разработка и спроведување на ГУП-от, согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Според тоа, ниту едно право, вклучувајќи го и правото на сопственост, не смее да биде исклучиво над друго право. Генералниот урбанистички план на Град Скопје од 2012 до 2022 и деталните урбанистички планови, не смеат и не ги третираат поединечните права како исклучиви над преостанатите поединечни права.
Од тие причини, Општина Центар смета дека Иницијативата од страна на подносителите е неоснована.
За потребите и подготовката за изработка на одговорот на Иницијативата за оцена на уставноста и законитоста, се вклучи и експертската јавност, вклучувајќи професори од Уставното право, Управното процесно право и Казненото право.
Во наредниот период, Општина Центар очекува позитивен исход од Уставниот суд, со што нема да поведе постапка по однос на поднесената Иницијатива, стои во општинското соопштение.