Ова сега е срам, а порано имавме германски амбасадор…

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Во претходните пишувања не случајно ги спомнав лудоста и неразумноста, како човечки особини, чија моќ не смееме да ја потцениме. Еве, деновиве тие добиваат во интензитет и на европската (ЕУ) и на домашната политичка сцена.

Во нашиов случај, неразумноста од туѓо и домашно потекло е комбинирана со ароганција, голема самобендисаност и незнаење, носејќи нè далеку и длабоко, сè до некакви „бугарски корени“.

Ова е срам, од најдолен вид за европската општествена и културна цивилизација, особено за бугарската (Е.Захариева), шведската (К.Билд) и германската (А.Холштајн).

Кога пред 30-на години ние Македонците се определивме да станеме дел од европската културна и економска заедница (ЕУ), верувавме во вредности – демократија, совест, почит, достоинство, развој. Во тоа време (1993), го имавме  и неповторливиот германски амбасадор Ханс Лотар Штепан, кој нурна темелно во македонската историја.

Тој, анализирајќи ги геостратегиските и геополитичките текови во една хронолошката вертикала и контекст, го потврдува историското постоење на македонскиот народ како засебен, а не како „македоно-бугарски“, „македоно-српски“ или „македоно-грчки“ народ. Став за почит е и оној, во кој, тој вели: „Сите народи во светот го имаат правото на самоопределување, така и Македонија може сама да решава за својот идентитет, за своето име. Никој не треба да се меша… Македонците имаат најголемо право за употреба на своето име Македонија.“

Според него, македонскиот народ не е само жртва на агресивните соседи, туку е и предмет на пазарење меѓу големите и малите политики, регионалните и европските држави, владите и динстичките елити. Од аспект на тековните настани, карактеристична е забелешката на Х.Л.Штепан, дека: „во секој случај, европската солидарност со една измамничка политика ќе го дискредитира не само измамникот туку и членките на ЕУ, кои се солидарни со него…“

Визионерски и поучно, без сомнение, за сите!

 

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Бројот на починати надмина 1000 лица, Филипче да си поднесе оставка
Следна вестСкопје стаса до 4.862 активни случаи на вирусот, Аеродром до 847…