Има ли некој во Владата што сериозно гледа кон стопанството?

Koлумна на Никола Тасев: 

Целото ли внимание на Владата е свртено кон дипломатската блокада од Софија? Да, де знам дека дел од времето трошат и за пандемијата, ама мене прашањето ми е – останува ли време за економијата, за стопанството? Нели ветуваа тоа ќе им е приоритет!

Се надевам не мислат дека за кризираното стопанство си ја завршиле работата со тоа што Министерството за економија се пофали дека со еден милион евра ќе реализира бескаматна кредитна линија за микро, мали и средби претпријатија од најновиот сет економски мерки на Владата.

Внимателно прегледав по различни портали да не се работи за грешка во сумата или со оваа мерка се помагаат само микро претпријатијата, ама – НЕ. Навистина со еден милион евра, како една од мерките од новиот кризен пакет, министерството ќе ја оправува економијата! Тоа е отприлика 100 фирми да добијат по максимум 10.000 евра или 1.000 компании да добијат кредит од по 1.000 евра. Збунет сум! Се чудам!

Пред неколку месеци напишав: „ Умираат многу пациенти. Страшно! Умираат и бизниси. Исто така страшно! Двете епидемии се голема опасност, а власта е трома и површна. Особено за втората – економската.

И денес го мислам, односно го гледам истото!

Неколку пати пишував како економскиот тим на Владата се справува со кризата. Укажував што е погрешно и што треба да се направи. Но и денес исто како и пред неколку месеци, не можам да ја разберам трапавоста (ако воопшто е трапавост, може да е толку знаењето и посветеноста) на Владата кога е во прашање задржувањето во живот на стопанството. И дури кога некои од мерките се добри, се доцни со реализацијата. Еве на пример и последните случувања со помошта за плати. Законот е изгласан, рокот за поднесување на апликации истекува, но Законот не е активен затоа што не е објавен во Службен весник. Компаниите се надеваат на помош, вработените чекаат плата, ама…

А требаше само да бидат повеќе посветени, со поголема анализа како навремено да се помогне на стопанството и да се превенираат потенцијалните економски земјотреси во наредниот период.

Но службите во министертвата се безбедни, имало/немало мерки за стопанството нивната плата е сигурна. Од буџетот е! Но тој е се потенок, затоа што директно се полни од стопанството. Затоа беа потребни јасни, конкретни и навремени мерки. И стопанството да живее и буџетот да не е во опасност.

Затоа најпрвин мораше да се заштитат малите и средните бизниси кои се основа на секоја национална економија. За нив државата мораше да обезбеди субвенции за плати, без никакви ограничувања. Тие компании секогаш при економска криза се први на удар, затоа што немаат заштеди, немаат достапност до свежи пари од банките, но имаат кредити и обврски.

Понатаму, требаше да се вбризгаат пари во економијата преку државен откуп на целиот вишок од домашно производство и да се пласира на пазарот по ниски цени за да се стимулира потрошувачката, но и да се смири паниката. Тоа ќе ја завршеше работата повеќе од било која друга мерка: ќе имаше и за плата во приватниот сектор, и за сметки и храна, и за трошење. Ќе се полнеше буџетот, па ќе имаше и за пензии и за администрацијата.

Влада згреши и што не го искористи периодов за државата да ја претвореше во големо градилиште. Автопатишта, железници, јавни објекти ќе се градеа, државата ќе трошеше пари, но ќе се отвореше работа за многу фирми, ќе се ангажираа луѓе, ќе се трошеа материјали…

Кризата со пандемијата не е помината, напротив допрва ни претстои најлошото, економските ресори во владата мора да се разбудат. Буџетот и стопанство се врзани садови. Ако рикне стопанството и буџетот ќе крахира.

Затоа господа министри, гледајте кон ЕУ, гледајте и кон пандемијата, ама задолжително гледајте и кон стопанството.

Претходна вестТриесет починати и 947 новозаразени со Ковид-19
Следна вестУтрово земјотрес го затресе Скопје, епицентарот бил во тетовско