Да не се заборава што Македонците направија во ноември

 Колумна на Наташа Котлар Трајкова:

 Ноември е месец на ослободувањето на Македонија! Народноослободителната војска (НОВ) пред 76 г. извојува победа над туѓите окупаторски сили и фашизмот, чекорејќи сè до конечната победа – 9 Мај 1945 г. Во тоа време, низ улиците на Прилеп, Битола, Охрид, Штип, Велес, Скопје, Тетово, македонскиот народ се радува и го поздравува подвигот, со зборовите: „Да живее слободна Македонија!“, „Смрт на фашизмот!“, „Да живее слободата!“ итн.

Таа победа не само што беше извојувана со сопствени сили, туку имаше и една несебична, нишка – македонскиот народ ја прифати раката за соработка на „покајникот“ во тие завршни операции, но јасно кажувајќи му до каде може да оди. Сето ова е забележано во сеќавањата и искажувањата на современиците, во документите и во илустрациите, го има во историскиот научен запис – историографијата. Затоа, кога денес, гледаме дека токму одвнатре се скрнават асномските државотворни темели на македонската држава и сувереноста на народот, разочарувањето и лутината нѝ се особено големи.

Не, не може „договорното добрососедство“, од нас, Македонците да бара да се (само)асимилираме и да станеме Бугари, да си ја избришеме колективната свест и меморија за нашите прародители. Не може да претставува вредност и иднина – европска, алијас ЕУ, договор во кој се кршат основните човекови права на самопределување и во кој се негира македонскиот јазик, специфичниот и автохтон историски и културолошки развој! 

Огорчени сме, кога го гледаме и слушаме, токму оној што има должност да ги застапува и брани споменатите вредности, ни праќа рекламна порака „бидете смирени и одговорни!“ Парадава на ароганција, кич и политичко пијанство е засилена и со нарацијата дека „непријателскиот сигнал“ во вид на вето од  „братска Бугарија“ и не е така страшен чин и дека има „ сè уште има надеж“.

Но, за што, за уништување на македонската национална и државна содржина со асимилаторски, нерамноправни договори на ЕУ членки!? Затоа на почетокот потсетив за македонскиот ослободителен подвиг, кој не треба да се заборава, туку да се почитува дома, но и од сите земји и народи на Европа, макар таа била и „демократска“ во моментов“!

Претходна вестУште кој наш човек не стана в.д. директор?
Следна вестМагливо до пладне, потоа ќе има и сонце