Македонската ракометна репрезентација го одработи последниот тренинг во Скопје пред заминувањето на Европското првенство, кое ќе се одржи во Швајцарија и Данска. Подготовките влегуваат во завршна фаза, а атмосферата во националниот тим е исполнета со мотив и оптимизам.
На денешниот тренинг ракометарите ги посети министерот за спорт Борко Ристовски, кој им упати силна мотивациска порака, нагласувајќи дека најважно е секогаш да се игра со срце кога се носи националниот дрес.
„Играјте со срце, играјте за Македонија. Некогаш резултатот не е единственото мерило, но секогаш е важно да се даде максимум и да се остави срце на терен. Публиката тоа го препознава и го почитува. Како некој што со години го носеше овој дрес, знам колкава чест и одговорност е да се игра за Македонија. Убеден сум дека достојно ќе ја претставувате државата и македонскиот ракомет на ова Европско првенство“, им порача Ристовски.
Дополнителен мотив за избраниците на селекторот ќе бидат и обезбедените финансиски премии. За секоја остварена победа на шампионатот, ракометарите ќе поделат по два милиони денари, а ист износ е предвиден и како бонус за пласман во втората фаза од натпреварувањето.