Колумна на Никола Тасев:
Ако не се сеќавате на култната југословенска серија „Ѓекна се уште не е умрена, а кога ќе умре не знаеме” – ништо страшно. Имате среќа што живеете во денешно време, кога веќе 4 години следиме сличен серијал во продукција на македонската влада. Од првата сезона „Инвестициите само што не стигнале, а кога ќе стигнат не знаеме”, па до втората за изборните ветувања уште од 2016 година и третата за датумот на преговори со ЕУ кој „само што не стигнал”, па се до најновата сезона „Вакниците само што не стигнале, а кога ќе стигнат не знаеме”.
Добро бре луѓе што напраивте? Зарем наместо одговорни политичари вие режисери и сценаристи на хумористични серии станувате? Монти Пајтон не ви е рамен!
Почнувам да мислам дека вие не сте свесни дека народот ви дал одговорност да се грижите за државата, за економијата, за граѓаните, за нивното здравје и благосостојба. Знате ли да раководите, да организирате, да процените, да излобирате… или само знаете да се оправдувате дека „ако сте сакале сте можеле уште пред 4 месеци да набавите еден милион вакцини”, „дека во цел свет бил ист проблем со вакцини”, „не е ваша грешка”… Како што знаете и да бидете арогантни кон сите што не мислат како вас.
Ако пред две недели се смеевме на најавата и одјавата за свечениот пречек на кутијата со вакцини – донација од Србија, ова најновото со недоаѓањето на кинеските вакцини и враќањето на уплатениот аванс е за плачење. Тогаш причината за одлагањето беше документацијата, а сега дознавме две причини. Прво од министерството за здравство дека повторно проблем била документацијата, а второ од премиерот Заев дека прерано бил уплатен авансот и срамота било да стојат наши пари во туѓа држава, па затоа биле повлечени. А не разбравме и дали дадениот аванс кон Кинезите бил вратен од нивна страна или повлечен од наша. Одговорот на ова прашање е многу важен за да знаеме дали повторно не лажат нас или се лажат самите себе – дека успеваат да не излажат.
Среќа не постојат вакцини, кои ако ги примиме ќе им веруваме. Таквите вакцини сигурно ќе ги набавеа побрзо.
Зошто сме дојдени до ова дереџе?
Главниот проблем на Македонија е што во последните 15 години во Владата, во министерствата и во државните институции се вработуваа партиски кадри, без трошка образование и работни способности. Ги снема професионалците, способните организатори и менаџери од средно ниво, оние кои се носители на сите процеси во секоја нормална држава. Не е воопшто проблем што министрите, директорите и замениците се поставуваат како партиски кадри. Тие се минлива категорија. Проблем е што целата линија од горе од доле, од министер до чувар се трупа со партиски луѓе. За жал тие и по промената на власта, остануваат. А способните, тие што треба да ја подготват документацијата… ги нема. Нив ги избркавме по Италии, Шведски и Германии, по Австралии и Америки… Тие не ни требаа, затоа што мораше да се ослободи место за лепачите на плакати, викачите по плоштади и лајкувачите по фејсбук.
Другиот главен проблем е што значаен дел од населението на избори не ги казнува ваквите политики, туку се обидува и тоа да се напика во администрацијата, па потоа ако нема вакцини, нема инвестиции, нема чист воздух… нив платичката им е најважна.
Ете тоа го користи власта и си снима хумористични серии и си нема гајле. Статистите им ја играат главната улога.