Кој ќе ги чува зелените оази и смарт клупи во Скопје?

Трета зелена зона се постави во Скопје. После Карпош и Кисела Вода, последната е во Центар, поточно на улицата „Осма ударна бригада“. Опремена е со т.н. смарт клупи со сензори за квалитет на воздух, кои се напојуваат од сончева енергија и имаат бесплатен вифи интернет. Покрај клупите има зеленило и канти за селектирање на отпад. Целта на поставувањето на зоната е младите да се едуцираат за рециклирање. Проектот е реализиран благодарение на Швајцарската амбасада.

Целта и намерата се несомнено за поздрав. Но, ако судиме според менталитетот на несовесните граѓани, кои не се малку на број, набрзо оваа зелена оаза би можела да заврши како ред искршени контејнери, уништени клупи, урнисани летниковци…

-За нас ова не е. Ние знаеме да бидеме штеточини кои намерно ќе го уништуваат тоа што е заедничко, ново и треба да се ужива…
-Автомобил нов не може читав на паркинг да остане оти некој намерно ќе ти го изгребе и оштети, а камо ли ваква убава идеја која сериозно треба да се потрудиме да потрае…
-А младите да ги едуцирате да бегаат од девојантни појави, дрога, брзо заработување пари преку криминал и почитување на семејството, наместо да рециклираат отпад?! Ние сме далеку од таа матрица и култура на живеење, на нашите млади им треба основно воспитување- тоа им недостига… – признаваат скопјани споделувајќи ја оваа вест на социјалните мрежи.

Но не се само младите тие со кои треба да се работи. Се чини дека и покрај полните општински администрации никако не може да се обезбедат доволен број инспектори кои ќе се грижат никој да не ја уништува околината. А примери има многу: летниковецот во Гази Баба, куќарките на Водно, безброј запалени и искршени контејнери…

Претходна вестПостои ли вакцина која ако ја примиме ќе им веруваме?
Следна вестШто стои во концепцијата за основно образование која Владата ја усвои?