Виза за промени во Законот за заштита од заразни заболувања се очекува во текот на неделава да дадат пратениците во македонскиот парламент со што ќе се воведат нови мерки за заштита од корона вирусот. Предложените мерки предвидуваат задолжително носење маски на отворено, забрането групирање по 22 часот на јавни места за повеќе од четворица и забрана за поголеми семејни собири.
Министерот за здравство, Венко Филипче, појасни дека очекува оваа недела да се изврши амандманска интервенција во законот.
-Се изнуди таква ситуација да мора да се интервенира во законот поради тоа што дел од уредбите, препораките за носење на заштитна опрема во надворешна средина се ставени во Уредбата со законска сила којашто беше изгласана и донесена на крајот на вонредната состојба, изјави викендов Филипче.
Се најавува поддршка и од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ иако таа, според лидерот Христијан Мицкоски, не била консултирана за мерките.
-Тука сме, стоиме на располагање со сиот свој потенцијал како политичка партија, како опозиција да им помогнеме на граѓаните, па дури и да соработуваме со оние незнајковци од политичката Комисија за заразни болести на СДСМ и Зоран Заев. Нека ми каже некој кои се тие мерки јас не ги знам тие мерки, каков е тој закон?! Па еве носиме маска, тоа се мерки коишто веќе постојат, не треба сега ново гласање, ако треба еве ќе ги поддржиме за маска на отворено, изјави Мицкоски.