Православните христијански верници денеска го одбележуваат големиот празник посветен на денот на раѓањето на Пресвета Богородица во народот познат и како Мала Богородица. Овој разник се вбројува во 36 големи празници во црковниот календар обележани со црвени букви што го означува како тежок празник.
Родителите на Пресвета Богородица Јоаким и Ана живееле во Назарет, а ќерката Марија ја добиле во постари години. Преданието вели дека нејзините родители беа веќе остарени, а немаа деца и затоа беа посрамени пред луѓето и скрушени пред Бога. Се молеа на Бога со плач, да ги израдува во нивната старост и да им подари едно чедо. И семоќниот Бог Кој гледа сè ги израдува со радост што ги надминуваше сите нивни очекувања и најубави соништа. Бидејќи им подари не само ќерка туку и Божја Мајка. Родена во Назарет, а по три години одведена во храмот јерусалимски, од каде што се врати подоцна пак во Назарет, за потоа да ја чуе благовеста на Светиот Архангел Гавриил за раѓањето на Синот Божји Исус Христос, спасителот на светот, од нејзиното пречисто и девствено тело.
Меѓу народот овој празник познато е дека се слави и со живописни обичаи, посебно посветени на раѓањето. Некои семејства во свечено руво, иако не слават и не одат на слава, поголем дел од денот го поминуваат во празнично расположение, посебно во краевите каде се одржуваат панаѓури. Има верувања дека есента и зимата ќе бидат благи, без многу студени денови, ако на денешен празник биде ведро без облаци и ако се види сонцето поголем ден од денот.