Многу аномалии имаше периодот додека на власт беа СДСМ и ДУИ. Сега се повеќе излегува на површина и сомнежот дека дел од државните институции биле користени за уцени и закани кон политички неистомисленици, но и бизнисмени. Разни биле методите за тоа.
Ваков впечаток се доби и од вчерашната загрижувачка информацијата што ја сподели премиерот Христијан Мицкоски оти голем број предмети во Обвинителството биле држени „во фиока” за да не влезат во процедура. Тој очекува дека по изборот на нов државен обвинител јавноста ќе дознае што се случувало во Македонија додека владееле СДСМ и ДУИ.
Како илустрација за тој период, Мицкоски ја посочи изјавата на кардиологот Жан Митрев, кој, пред неколку дена, јавно обвини дека Зоран Заев и Венко Филипче, додека биле на власт, вршеле притисок и уцени со цел да му ја одземат болницата.
Ова допрва институционално ќе се проверува.
Лидерот на СДСМ Филипче ги отфрли обвинувањата на Митрев и најави тужба за клевета и нарушување на честа, тврдејќи дека тие немаат основа.
Но, сето ова дополнително го засили сомнежот во јавноста дека зад затворените врати на институциите се одвивале процеси кои немале никаква врска со владеење на правото и правдината.
Останува да се види дали по изборот на новиот обвинител сомнежите ќе се расчистат, и дали Обвинителството конечно ќе излезе од сенката на политиката или ќе си остане алатка во рацете на функционерите?