МВР ќе објавува информации за функционери кои се можни сторители на кривични дела

Министерството за внатрешни работи ќе објавува информации за носители на јавни функции кои се можни сторители на кривични дела. Ова го најави техничкиот министер во МВР, Наќе Чулев.

Министерот не прецизира за какви кривични дела станува збор, ниту пак за кои функционери се работи.

-Во однос на истрагите што ги најавив, сакав да кажам дека во изминатиот период, покрај концентрацијата за спроведување на мерките на Владата за заштита на здравјето на граѓаните, МВР не ја изгуби откривачката функција, односно активностите во областа на откривање сторители на кривични дела, особено во областа на организираниот криминал и корупцијата, па и во овој дел. Во наредниот период ќе објавуваме исто така и информации и за одредени носители на јавни функции за кои веќе има одредени добиени информации, а кои се можни сторители на кривични дела, рече Чулев.

Тој додаде дека во изминатиот период не сакал да ја оптоварува јавноста со овие информации бидејќи општеството било концентрирано кон спречување на ширењето на коронавирусот.

-Со олабавување на мерките од Владата, мислам дека се отвора простор да ја информираме јавноста за оној друг аспект од работата на МВР за да не се добие впечаток дека изминатите три месеци сме насочени само кон мерките за заштита од Ковид-19. Имавме сериозни предизвици во спречување на илегалната миграција, додаде Чулев.

Следна вестОд новозаразените со вирусот во Скопје најмногу се од Сарај, Бутел, Чаир и Аеродром