Темно Режим Светло Режим

Состојба по обилните врнежи: Интервенции на терен низ цела Македонија

По обилните врнежи што ја зафатија територијата на Република Северна Македонија, надлежните служби и јавните претпријатија и натаму се на терен и преземаат мерки за справување со последиците. Состојбата, заклучно со 09:00 часот, е под постојан мониторинг, а во повеќето подрачја има постепена стабилизација.

Во регионот на Кочани и Штип, забележано е излевање на Оризарска река кај селото Грдовци, каде што интервенира Водостопанство Брегалница со тешка механизација. Екипите сè уште работат на терен, а од почетокот на следната недела најавено е систематско чистење на речното корито на потегот од Грдовци кон Оризари, со цел да се спречат идни ризици. Сообраќајот на патниот правец Кочани – Грдовци е повторно воспоставен, додека на повеќе патишта во источниот дел се појавени одрони, за чие отстранување интервенира Македонијапат.

Во битолскиот регион, во населбата Стрчин, екипи на КЈП Нискоградба со механизација расчистуваат наслаги од земја и чакал. Во селото Кравари има заезерени земјоделски површини, но без закана за објектите. Поплавени ниви се евидентирани и во селата Жабени и Породин, каде што интервенира ЈП Водостопанство на коритото на Жабјанска река. Излевање е регистрирано и кај Елешка река, со зафатени земјоделски површини, при што нивото на водата во реките е во фаза на опаѓање.

Во општината Ресен, поплавите зафатија земјоделско земјиште, дворови, станбени и помошни објекти, како и магацини за складирање јаболка. Водостојот на Голема река е значително намален – од 2,20 на 1,40 метри. Ангажирани се тимови од ЕЛС Ресен, Македонијапат и ЈКП Пролетер Ресен, кои извршија обиколка и проценка на штетите, при што е констатирано дека состојбата е стабилизирана.

Во Крушево, поради поројните дождови, водата за пиење е заматена и граѓаните се повикуваат истата да се преврива најмалку 10 минути пред употреба. Нивото на Црна река кај селото Бучин е зголемено, но водата се повлекла од местата каде што претходно имало излевање. На критичните точки се спроведуваат зајакнувања на насипите од страна на екипи на ЈП Комуна, ТППЕ Крушево и ЕЛС Крушево.

Во општината Демир Хисар, локалниот пат кон селото Мренога е затворен за сообраќај поради оштетување на мостот на Боишка река, а локацијата е обезбедена од надлежните служби.

На подрачјето на Прилеп, во селото Лажани е пријавена штета кај еден жител, поради поплавен двор, приземни простории и оштетен тутун. Слични проблеми се евидентирани и во селото Пешталево, каде што поплавите настанале како последица на неисчистени канали. Во двата случаи интервенираше градежна механизација за расчистување.

Во Тетовскиот регион, патниот правец кон Бање Тетово е расчистен, но сообраќајот е привремено забранет од страна на СВР Тетово од безбедносни причини. Патиштата кон селата Жерма и Бродец се проодни, додека состојбата во селото Стримница, Општина Желино, континуирано се следи од надлежните служби.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Иран преку ОН жестоко ги обвини САД за ескалацијата на протестите

Следниот Пост

Преспанското Езеро со пораст од 48 сантиметри за два месеца