Кланот Зајас го сочинуваат најблиски роднини на лидерот на ДУИ, Али Ахмети и постои основан сомнеж дека благодарение на политичката позиција на Ахмети во власта овој клан енормно се богати, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.
Најголема опозициска партија укажува дека последниот од низата скандали за овој клан сочинет од Шкумбин, Дрин и Бесијан Ахмети е изградбата на фотоволтаична централа од 60МЊ во Кичево, вредна 35 милиони евра.
-Овие луѓе, за кои нивни сограѓани тврдат дека до пред некое време едвај преживувале сега станаа главни акционери, инвеститори, иноватори и претприемачи во Македонија, додека стотици илјади други граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби и останати едвај врзуваат крај со крај во месецот. Децата на Ахмети формирале компанија „Хелиос“ и побарале кредит од една банка за изградба на фотоволтаична централа за која навеле дека имаат дозвола од страна на државните институции и дека веќе договориле и државни средства за јавно приватно партнерство за централата. Ова значи дека кланот Зајас обезбедил барем усмена гаранција од страна на власта на Ковачевски дека нивниот бизнис ќе биде реализиран, а според информациите од свиркачи и со финансиска помош од државата, се наведува во партиското соопштение.
ВМРО-ДПМНЕ наведува дека Ковачевски треба да излезе и да каже, доколку се охрабри, дали компанијата на кланот Зајас, односно децата на Ахмети добиле гаранција за дозвола за изградба на 60 МW фотоволтаична централа?
-Ковачевски, доколку има смелост, нека излезе и нека каже дали тој или било кој друг од власта разговарал со кланот Ахмети за државни средства за изградба на фотоволтаична централа преку ЈПП? Знаеме дека Ковачевски е кираџија во владата и дека секој став му зависи од тоа дали ќе му го дозволат газдите од Зајас, но очекуваме дека барем овојпат ќе се охрабри и ќе излезе во јавноста со конкретни одговори. Криење зад флоскули или дефокусирање со стари теми нема да му помогнат. Криминалот и корупцијата на луѓето блиски до владата на СДС и ДУИ е епски и затоа мора да има одговорност, потенцираат од оваа партија.