Во Европската унија мобилните телефони и други мали електронски уреди, освен лаптопите, мора да користат стандарден полнач со USB-C влез. Оваа обврска произлегува од предлогот на Европската комисија од 2021 година, поддржан од Европскиот парламент и Советот на ЕУ.
Новите правила, кои првично беа предвидени да стапат на сила средината на годинава, се применуваат со мало задоцнување. Целта е да се намали електронскиот отпад и да се зголеми удобноста за потрошувачите, со што нема да биде неопходно да се купува нов полнач со секој нов уред.
-Ова е решителен чекор кон удобноста на потрошувачите и одговорноста за животната средина, изјави Ана Кавацини, претседателка на Комитетот за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите.
Новите стандарди ќе важат за мобилни телефони, таблети, електронски читачи, дигитални камери, слушалки, рачни конзоли за видео игри и преносни звучници. Лаптопите, пак, ќе треба да се усогласат со овие правила до 28 април 2026 година.
Американскиот технолошки гигант „Епл“ беше меѓу производителите кои најдолго го одложуваа воведувањето на USB-C конекторот, но тоа го направија минатата година.
Новата регулатива ја потврдува посветеноста на ЕУ за намалување на отпадот и промовирање на стандарди што одговараат на потребите на потрошувачите и животната средина.