Да ти украдат точак во Скопје за жал е вообичаена работа, но да го најдат крадецот не е вообичаено. Па така, голем број на скопјани се уште чекаат полицијата да ги открие крадците на нивните велосипеди кои им се украдени во изминатиов период.
Нивните искуства покажуваат дека мали се шансите полицијата да им ги врати скапо платените точаци. Исто така, без успех остануваат и нивните обиди сами да го пронајдат украденото. На вакви сознанија укажува и мини – анкета која деновиве се направи на Фејсбук-групата „Украдени точаци“ во која членуваат околу десет илјади граѓани. Во групата тие најчесто ги споделуваат информациите за украдените точаци со надеж дека ќе бидат пронајдени а крадците казнети.
-Другари, дали МВР барем на еден од вас го најде украдениот точак?, беше прашањето поставено вчера од еден од членовите на групата. За кусо време одговориле околу стотина членови при што шеесетина граѓани одговориле дека нивниот точак, и покрај тоа што веднаш пријавиле, не бил пронајден од страна на полицијата.
-„Не“, бил најчест одговор од нивна страна.
Но, имало и такви граѓани кои укажувале и на парадоксални состојби.
-Четири велосипеди ми се украдени во рок од две години, уредно пријавени во МВР. Последниот пат ми вели ако го видиш, ако си појак од другиот…, напиша еден граѓанин.
И другите членови на групата се жалеле на односот на полицијата кога ги пријавувале кражбите.
-Мене ми украдоа нов точак. Полицаецот само ми кажа: „Бити здрав и жив, точакот не може да се најде, напиша еден член.
Само еден од членовите на групата напишал дека украдениот точак му бил пронајден.
-Да, на мене после 8 месеци некаде. Пишав тука, ме направија полицаец, лажов, факе профил итд. :)), напиша тој.
И така… кражбите продолжуваат и деновиве при што жртвите дури и објавуваат видео-снимки од кражбите по нивните влезови во станбени згради. Но и тоа не е доволно за да се најдат крадците…