Цената на златото денеска за првпат во историјата ја надмина психолошката граница од 5.000 долари за унца, продолжувајќи го силниот нагорен тренд, поттикнат од зголемената побарувачка за сигурни инвестиции во услови на геополитичка нестабилност.
Неизвесноста на светските финансиски пазари се зголеми минатата недела поради заострувањето на односите меѓу САД и Европската Унија околу прашањето за Гренланд, што дополнително ја зголеми атрактивноста на златото како безбедно засолниште за капиталот.
Утрово цената на благородниот метал порасна за уште 0,9 проценти и достигна 5.029 долари за унца.
Во текот на минатата година, златото забележа раст од дури 64 проценти, поттикнат од намалувањето на каматните стапки во САД, слабеењето на американскиот долар, зголемената побарувачка од централните банки, како и рекордните приливи на капитал во инвестициските фондови.
Според проценките на независниот аналитичар Рос Норман, трендот на раст би можел да продолжи и во текот на оваа година, при што цената на златото може да достигне и до 6.400 долари за унца, додека просечната годишна цена би изнесувала околу 5.375 долари.