Вестите често се деструктивни, со нагласена интенција да заплашат, загрижат и растажат

 За Владимир Тевчев, новинар од Велес, на нашите телевизии, за жал, има и содржини кои го затапуваат здравиот разум.

Што им препорачувате на граѓаните да гледаат на телевизиските програми и зошто?

– На нашите телевизиски канали гледам само вести, но само од професионална причина, бидејќи морам да бидам во тек со настаните. За жал, и вестите се дел од лошата понуда, оти сите личат едни на други. Би им ги препорачал на гледачите, но само ако во нив почесто има квалитетен „њуз“ производ, кој зборува за обичниот човек, топла хумана приказна, која ќе ги здрма сетилата и кој ќе се обиде да ги промени работите. Такви магазини кај нас речиси и да нема. Затоа, кабелските оператори нудат неколку странски ТВ канали, кои се уште ја бранат честа на доброто новинарство. Се разбира, топло ги препорачувам документарците на Нешнал џиографик, кои секогаш нудат квалитетен пристап, длабоки се, информативни и забавни. За среќа, постои опцијата „ТВ на барање“, па мојата вечерна сесија гледање телевизија им ја доверувам на стриминг платформите, каде што понудата од одлични серии и филмови е голема. Ги препорачувам сериите The handmaids tale, која морбидно потсетува на она, во што се претвора нашиот свет, The loudest voice со феноменалниот Расел Кров, Mare of Easttown, каде што Кејт Винеслет игра маестрална улога, Фарго… Долга е листата. Седнете и барајте!

 Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?

– Сапунските серии и музичките талент шоуа се нешто кое го затупавуваат здравиот разум. Но, во недостиг на квалитетни едукативни, образовни, па и забавни емисии, оваа програма, за жал, одзема огромен дел од вниманието на македонскиот ТВ гледач, одвлекувајќи го од вистинските морални и етички вредности. Вестите како понуда кај нас се често деструктивни, со нагласена интенција да го заплашат, загрижат и растажат гледачот. Им порачувам на уредниците на вести, нека погледнат како нивните колеги пред 15 години подготвувале ТВ дневници, нека го копираат тој концепт и гледачите со задоволство ќе им се вратат.

Дали вашиот град Велес е доволно застапен како тема на македонските телевизии?

– Колку повеќе телевизиите го забораваат Велес во своите ТВ програми, толку повеќе мојот град станува паланка. И жал ми е што е така, оти Велес има приказни, се уште нераскажани. Велес не се младите момци кои заработуваа со лажни вести за американската политика и Франфурт мафијата која продаваше дрога во Германија. Велес се приказните за првата библиотека и музичко училиште, првата жена актер и гимназија, Кочо Рацин и преродбениците, теми кои „плачат за Оскар“. Но, ако се земе предвид фактот дека од толку национални телевизии, само две имаат дописници од Велес, тогаш јасно е колку е застапен овој град – темел на македонската култура, како тема на домашните телевизии.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

– Би продуцирал и снимал многу музички концерти во живо, без разлика дали би се работеле во студио или на концертна сцена. На народот му треба квалитетна музичка понуда, а не турбо музиката која ни ја сервира северниот сосед, која веќе сите ја научивме напамет и по неа „вени сечеме“. Но, кога зборуваме за продукција на филмови и серии, тука северниот сосед треба да ни биде репер. Не можеме да зборуваме за некаква филмска продукција со снимени два филма и едвај една серија годишно. Продуцентите да бараат добри сценарија и копродуценти, а бизнисмените да го одврзат кесето за културата. Така ќе се одбраниме од сите културолошки напади.

 

Претходна вестГи лоцираат ли службите „црните точки“ на македонските патишта за да ги поправат?
Следна вестЗошто токму сега повторно се зборува за нови истраги за „Монструм“ и „Диво насеље“?