Ги лоцираат ли службите „црните точки“ на македонските патишта за да ги поправат?

Поука од трагедијата со автобусот во Бугарија мора да има

 

Нелогични решенија има премногу на нашите патишта. Одрони, неодбележани патишта со вертикална и хоризонтална сигнализација, животни на патот, лошо поставени банкини, а на голем дел и ги нема. Да не збориме за дупки и лош асфалт, укажува Игор Арсовски

 Јавноста се уште е во шок од трагедијата со изгорениот македонски автобус во Бугарија. Истрагата ќе покаже кои се причините за ужасната сообраќајна несреќа во која загинаа 45 лица. Но, една можна веќе излезе на виделина. Патот не бил според сите стандарди. Металната ограда која го одделувала паркингот за одмор и коловозот на автопатот била лошо сообраќајно решение, немало соодветни сообраќајни знаци дека има такво проширување, хоризонталната сигнализација била скоро невидлива…

Колку лоши сообраќајни решенија со нејасно поставени знаци има на македонските патишта? Се лоцираат ли барем сега тие „црни точки“ како резултат на извлечена поука од трагедијата во Бугарија?

Секој кој поминал по македонските патишта има увидено дека постојат многу опасни места, многу „црни точки“, несоодветно одбележани кривини, коловози без соодветни сообраќајни знаци, без заштитни мрежи или пак се искинати, со многу оштетувања на коловозите кои со месеци не се поправаат… Сето тоа мора брзо да се поправа.

 -Одрони, неодбележани патишта со вертикална и хоризонтална сигнализација, животни на патот, лошо поставени банкини, а на голем дел и ги нема. Се случила сообраќајка и банкината се оштетила и таа останува оштетена за век и векови. Нема заинтересирани луѓе од службите да кажат дека треба тоа да се поправи. Да не збориме за дупки и лош асфалт. Нелогични решенија има премногу на нашите патишта, ни вели Игор Арсовски, по занимање професионален возач.

 Опасностите не се отклонуваат

Овој граѓанин ни наведува дека на нашите патишта опасности има колку се сака.

-Самата реконструкција на патот Кичево-Охрид е извор на потенцијална опасност за човечки жртви и оштетени возила. Неодбележани кривини без предупредување, неодбележани исклучоци има безброј. Опасностите на патиштата воопшто не се отклонуваат или решаваат, потенцира овој професионален возач.

За жал, не е само патот Кичево – Охрид извор на опасности. Граѓанинот Сашко Јаневски ни наведува дека и на најновиот автопат Скопје – Штип демнеат опасностите.

-На делови од тој автопат постојано има одрони, а коловоз е со бранови, со црни точки кои се одликуваат со испарување на влажноста преку лето, потенцира Јаневски.

Други соговорници за овој автопат ни укажуваат дека има и други ризици.

-Поради големо свлечиште кое не се санирало при изградбата сега морале да се поместат коловозните ленти. Но, предупредувањето за тоа не е благовремено, кој си ги следи лентите ќе се збуни, а забрзаните возачи може да и да немат време да реагираат оти едната лента одеднаш менува правец, укажува еден скопјанец.

Колку вакви „сообраќајни бајпасирања“ по македонски терк има на патиштата? Колку нагли пропаќања на асвалтот има кои не се одбележани, а се опасни ако возачот се движи со брзина над 70 км на час? Престројувања на ленти кои не се јасно обележани има на скоро сите превои…

За струмичанецот Сандо Барабаровски опасностите кои никако да се отстраната постојат на делницата од село Дабиље до Струмица.

-Тој пат е изграден уште во 1965 година во должина од 2,5 километри. Оттогаш до сега немало никаква реконструкција на него. Само се крпи, со импровизации со асфалтна маса која се истура од гепек на „Лада“, се растовара со лопата, а набива од работник кој скока по асфалтот…, иронично ни кажува Барбаровски.

Автоинструкторот од Скопје Зоран Дашиќ укажува дека голема опасност се одроните, но и банкините.

-Опасности има од кумановското село Војник кон Крива Паланка и тоа од одрони. Опасни се и банкините што стрчат на патот навечер. Возиш, возиш и одеднаш банкина пред тебе, предупредува Дашиќ.

Не се знае колку „црни точки“ има

Сите овие делници, сигурно, само се дел од опасните места кои им се закануваат на возачите во земјава. Инаку, пред полни 16 години во трудот „Опасни места пред очи“ на авторите Ж.Андревски и Т.Петревски, кој се базира на статистика од МВР беше пресметано дека во земјава има 169 „црни точки” на разни сообраќајници. Но, оттогаш до сега во земјава нема официјален податок за тоа колку „црни точки“ постојат на патиштата во Македонија и каде точно тие се наоѓаат. Некои вакви опасни места се надминати со правење на нови патишта, некои се санирани и подобрени. Сепак, останале уште многу и сега не се знае каде се и колку ги има. Дури се случило со измените во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, терминот „црна точка“ е избришан и сега воопшто не се води евиденција за опасните локации на сообраќајниците. Во јуни годинава министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека во план е изработка на мапа на „црни точки“, односно, места каде во 2020 година најчесто се случувале сообраќајни незгоди со тешки последици. Таквата мапа се уште не е промовирана за да возачите знаат каде посебно да внимаваат. Од страна на ЈП за државни патишта преклани биле избирани изведувачи на подобрување на безбедноста на десетина патишта во земјава со поставување на нови знаци, банкини, потпорни ѕидови, обележување на патот и друга опрема.

Сепак, опасностите и натаму демнат на македонските патишта што значи дека тие треба да се отклонуваат.

-Ревизија на патиштата треба да има постојано. Но, нашите патишта се толку катастрофа што ревизија не ги спасува учесниците туку треба темелна реконструкција. Но, и она што е подобро како сообраќајница треба да се ревидира барем неколку пати годишно, вели Игор Арсовски.

Дали тоа и се прави /е видиме. Засега единствен начин да си сигурен при возењето е да отвориш „четири очи“.

 Десетици опасни места

Како посебно опасни места се сметаат клучката кај Хиподром, клучката Илинден, потегот од наплатната станица Петровец до клучката Кадино, мостот кај Катланово. Опасни се и патниот правец Желино – Тетово, Кочани – Делчево, потегот од наплатната станица Тетово до наплатната станица Гостивар, кај селата Зајас, Мешеишта, Ботун…, делницата Охрид –Струга, патот од Охрид до Свети Наум, регионалните патишта Кичево – Демир Хисар и Дебар – Струга, Прилеп – Крушево, Струмица – Дојран….