Последен ден од изборната кампања. Поминаа 20 дена во кои партиите пренесоа до гласачите во Македонија многу ветувања. Од полноќ почнува изборниот молк пред одржувањето на предвремените парламентарни избори, закажани за во среда.
-Добро е што кампањата завршува. Многу лаги и празни ветувања се изнаслушав. Одамна знам кому треба да го дадам гласот, одамна видов кој што и направи на Македонија, земјата за која загина и еден мој предок, ни напиша читателот Илија.
-Смешни ама и одвратни станаа со лагите. Еве ви еден пример: ветуваа 500 евра просечна плата, не го остварија тоа, а сега силно ветуваат 600 евра. Мизерно, тоа не се трпи веќе. Едвај чекам да дојде време за гласање, реагира друг наш читател.
На полноќ почнува изборниот молк по што веќе од утре почнува гласањето, кое годинава за првпат ќе трае три дена поради актуелната ситуација со корона вирусот.
Според Роковникот за одржување на изборите, утре ќе гласаат оние кои се во домашен карантин заради позитивен тест на ковид-19 и лицата на кои им е определена мерка самоизолација. Тие ќе гласаат во своите домови, а гласањето ќе го спроведе посебен избирачки одбор формиран од ДИК.
Немоќните и болни лица, хронично болните, времено раселените лица, лицата згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа, како и затворениците и оние кои се во домашен притвор, ќе гласаат во вторник, еден ден пред одржувањето на изборите.
Во среда, на денот на изборите, гласањето ќе започне од 7 часот, но ќе трае до 21 часот, односно ќе биде продолжено два часа подолго за разлика од претходните изборни циклуси.
Граѓаните ќе избираат меѓу кандидатите на 15 коалиции и партии. Право на глас имаат 1.814.263 граѓани запишани во Избирачкиот список.