Германија се споменува како ветена земја за здравствените работници од Балканот, но како функционира здравствениот систем таму покажува и случајот со докторката што доби отказ откога нејзините колеги пријавиле дека ја напуштила болницата во Хамбург 28 минути порано по 24-часовна должност, а таму работела 23 години.
Франциска Шлосер ја тужеше болницата и доби 400.000 евра отштета.
– Не можам да дозволам обвинението да стои така. Не направив ништо лошо. Сега доаѓаат и ја конструираат оваа измама со работнота време. Апсурдно е, вели 54-годишната жена, а пренесува „Н1“.
Докторката беше поддржана и од најголемото германско лекарско здружение, МБ Хамбург. Катарина фон дер Хејде е директор на „МБ Хамбург“ и нејзин правен застапник. „Вонредното разрешување не беше издадено навреме“, вели таа.
Шефот на болницата, Филип Ветенгел, изјави дека немаат намера да се борат против докторката.
– Рекоа дека си заминала порано. Изјавата на сведокот беше веродостојна. Но, не знам што точно се случи и сакам да завршиме со ова, рече Ветенгел на судот во Хамбург.
Судот смета дека обвинувањата против докторката се неосновани. Сепак, по 23 години поминати во болница, деловниот однос меѓу неа и болницата заврши. Обвинението е повлечено, а Франциска Шлосер доби испратнина, пишува магазинот „Феникс“.
Двете страни се договорија за спогодба: Франциска Шлосер ќе ја напушти болницата на 31 јануари и ќе добие испратнина од 400.000 евра.
„Голем товар ми падна од срце бидејќи процедурата е завршена. Ќе се смирам малку, ќе земам воздух и ќе барам нова работа“, изјави таа во интервју за РТЛ.