Македонските политичари не можат без да прават драми. Дали со тоа мислат дека се повоочливи, дали така мислат дека треба да се работи, не е јасно, ама Македонија живее со нивните комедии, а некогаш трагедии.
Еве, сега најнова драма режираа околу техничката влада. Едните за едно ќе гласале, другите само за друго ќе гласале, третите… Мораше ли толку многу да се глуми?
На 28 јануари Македонија треба да добие трета преодна влада. Мнозинството си определи нејзин водач да биде Талат Џафери. Што мисли опозицијата не поведе сметка. И почна драмата.
А оваа влада се бира само за 100 дена пред парламентарните избори. Беше ли потребно премиерот Димитар Ковачевски и опозициската ВМРО-ДПМНЕ да влезат во политичко режирање за тоа кој каква улога ќе има во едночинката?
Нели е доста од вакви театри? Целиот мандат на власта помина во драмолетки, време е за реалноста и практичноста за Македонија да ја гледа толку посакуваната престава – подобрување на животот во реалноста, а не на театарски (читај) партиски сцени. Власта за сето тоа има поголема одговорност во моментов. Доста прават заплети во едночинка во која само се ќе се замрси.
Има доволно време глумците-режисери да ги завршат формалностите и в недела да се постави преставата која всушност поголемиот дел од граѓаните нема ниту да ја гледаат. Важен е завршниот чин – изборите. Тогаш глумците ќе дознаат што всушност сака да гледа македонската публика и кој бил лош актер што ќе добие споредна улога во наредните 4 години.