Од гостиварските училишта се отпишале 200 деца, од штипските 50…

Загрижувачки бројки за отпишувањето на учениците од училишта доаѓаат од неколку македонски општини по вчерашниот почеток на второто полугодие во текованата учебна година. Од Секторот за образование на општина Гостивар информираат дека во текот на зимскиот одмор околу 200 деца од подрачје на Гостивар се отпишале од училиште по првото полугодие

-Во второто полугодие бројката на ученици во училиштата е намалена за околу 200, а причината за отпишувањето е заминување во странство, наведуваат од Секторот.

Инаку, второто полугодие на гостиварското подрачје почна во сите училишта и според надлежните се одвива со вообичаен тек, без проблеми. Во основните и средни училишта во Гостивар настава посетуваат речиси 10.000 ученици.

Освен ова, вчера беше објавено дека педесет ученици од основните и средните училишта во Штип нема да го почнат второто полугодие во учебната 2023-2024 година поради тоа што со нивните родители заминале во странство.

Раководителот на Секторот на образование во Општина Штип Снежана Санева вели дека оваа бројка не е мала. Според податоците на училиштата, во второто полугодие во средните училишта ќе има помалку 26 ученици, а во основните училишта оваа бројка е 24.

-Значи на ниво на Општина тоа се вкупно 50 ученици, кои веќе нема да посетуваат настава. Инаку, да кажеме од Општинското основно училиште (ООУ) „Гоце Делчев“ имаме пријавено отсуство, меѓутоа таму родители се уште не образложиле зошто децата не посетуваат настава, таа бројка е некаде околу 25 ученика и да се надеваме дека ова второ полугодие тие ќе продолжат со наставата, ќе се вратат во училишните клупи и редовно ќе ја завршат учебната година, изјави Санева.

Посочува дека нема училиште кое посебно отскокнува, односно бројот на заминати ученици во странство во ова второ полугодие се движи од седум до десет ученици во секое училиште во Штип. Лани наставата во второ полугодие не ја почнаа 81 ученик, односно нивните родители побараа исписници за заминување во странство.

Надлежните од секторот за образование од општина Куманово вчера информитраа дека без проблеми стартуваше второто полугодие за 13.785 ученика на ниво на општинските основни и средни училишта. Во второто полугодие има 9.873 ученици во основните училишта и 3.912 во средните училишта.

– Има мало отстапување на бројот на ученици, ќе направиме нов пресек кон крајот на јануари. Процесот на миграција не запира. Куманово е најголема општина со 21 училиште и можеби со најголем број ученици ама и ние се соочуваме со миграција, кон западно-европските земји, изјави раководителот на секторот, Александар Јовановиќ.

Претходна вестЗа 3-4 месеци пак ли ќе има проблем со ЈСП „Скопје“?
Следна вестЈапонската Влада со апликација за запознавање се обидува да го реши проблемот со намалувањето на населението