Македонските превозници вечерва во 20 часот ќе се повлечат од блокадите на товарниот дел од граничните премини, одлучи попладнево на состанок Асоцијацијата „Макам-транс“, откако Европската комисија донесе одлука за изработка на нова стратегија за визи.
Новата стратегија треба да го реши проблемот со кој се соочуваа професионалните возачи во врска со престојот од 90 дена во период од 180 дена во Шенген-зоната.
Со ова, по речиси четиридневен застој, се очекува нормализирање на товарниот сообраќај на граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење, за влез и излез од државата.
Од „Макам-транс“ преку објава на Фејсбук соопштија дека одлуката за прекин на блокадите е донесена откако е добиена потврдата која ја очекувале за конкретни промени, и им се заблагодарија на сите кои во изминатите денови дале поддршка и солидарност со протестите.
„Вашето заедништво и истрајност дадоа резултати. Согласно официјалното известување од министерот за транспорт Александар Николоски, Европската комисија донесе одлука да подготви нова стратегија за визи, со што ќе се реши проблемот со кој се соочија професионалните возачи во однос на престојот од 90 во 180 дена“, наведуваат од Асоцијацијата.
Поради добиената потврда за најавените промени, од „Макам-транс“ информираат дека протестите на наведените гранични премини ќе бидат прекинати вечерва, 29 јануари 2026 година, во 20:00 часот.
„Особено сме благодарни на сите медиумски куќи и портали кои нашата борба ја направија видлива за цела Европа. Заедно сме посилни“, порачуваат од „Макам-транс“.