Опозиционерите пак побараа оставка од Владата. Овој пат Антонио Милошоски ги наведе причините за тоа. Економската ситуација, надворешнополитичката ситуација, блокадата од ЕУ и здравствената криза, сите три кризи имаат име и презиме, а тоа се Зоран Заев, Венко Филипче и Никола Димитров, истакна денеска Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Сметаме дека проектот наречен Зоран, Венко и Никола треба да си поднесе оставка. Во државата имаме најтешка ситуација од независноста до денес, и за граѓаните, и за здравствениот сектор, и за економскиот сектор, но, за жал, и за европерспективата. Сметам дека со нивната оставка ние ќе можеме како држава да создадеме можност да формираме влада на експерти, која ќе може подобро да се справи и во здравството, и во економијата и во евроинтеграциите, истакна Милошоски.
ВМРО-ДПМНЕ смета оти блокадата од Бугарија е неоправдана, но и дека тоа како инструмент го овозможил премиерот Заев со потпишувањето на договорот за добрососедство во август 2017 година.
Во врска со ставот за експертска влада, претставникот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека постои позитивен сигнал од две политички партии, кои се надвор од нивната коалиција, а тоа се Алијансата за Албанците и партијата Алтернатива.
-Гледаме дека го делат мислењето оти на државата во ваква кризна економска, надворешна политичка и здравствена ситуација повеќе би ѝ помогнала експертска влада отколку Влада што ја има изгубено довербата, рече тој.