„Направена е нова група, пишете ми во порака да ви ја пратам“, е пораката што ја добиле членовите на „Јавна соба“ по денешните апсења на неколку членови во групата на апликацијата Телеграм, која предизвика горчина во јавноста откако беше објавено што се се споделува таму – фотографии и непристојни коментари за жени, девојки и малолетнички.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски попладнево објави дека бројот на уапсени за овој случај сега е четири – две лица од Битола, и по едно до Штип и Велес, а идентификувани се и други членови по што наскоро ќе има нови апсења.
Акцијата на МВР во соработка со Обвинителството треба да го открие креаторот на групата и на сите членови, над 8 000, најголем дел со лажни имиња и со скриени телефонски броеви.
Сите за кои ќе се докаже дека биле дел од оваа мрежа на злоупотреба на лични податоци и други дела, се соочуваат со сериозна кривична одговорност.
Премиерот Зоран Заев денеска најави дека доколку од Телеграм не одговорат на бројните барања да ја затворат оваа група, не се исклучува можноста апликацијата да биде блокирана во земјава.
Според него, ова не е цензура на комуникацијата, но е нешто од што граѓаните мора да бидат заштитени.