Отворање на новиот стационар ЈП „Лајка“ ќе се одржи утре во 12:00 часот на локација – поранешен стационар Вардариште, информира денеска Градот Скопје. Во најавата испратена до медиумите се наведува дека на настанот изјави ќе дадат градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов.
Ова е, да се надеваме, последна најава за отворањето на стационарот која ја дал скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Неодамна тој најави дека стационарот ќе се отвори минатата среда доколку тестирањата покажат дека меѓу вработените нема заболени од корона вирусот. Тоа не се случи ниту беше објавено дали има позитивни лица меѓу вработените.
Инаку неколку „среди“ беа најавени како датум за отворање на јавното претпријатие. Шилегов на 17 јуни даде најава дека отворањето ќе биде „за една седмица“, на 2 јули дека “ќе биде за кусо време“ за да потоа најави дека отворањето ќе се случи „кон првата половина на септември“…