Актерката од помладата генерација, Димитрина Мицкоска им препорачува на гледачите да гледаат само она што им предизвикува уживање на душата и да не ги трујат своите животи со негативности.
о Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми и зошто?
-Препорачувам да се гледаат само позитивни работи. Емисии од патувања, програми од едукативен карактер, од историски карактер, прилози за животинскиот и растителниот свет, спорт, култура, достигнувања, играни филмови, се она што ќе и донесе уживање на душата. Секојдневниот живот е доволно исполнет со стресови, па телевизијата не би требало да не растревожува, туку напротив да мотивира и да ја буди нашата креативност. Има недоброј квалитетни и убави играни филмови, па во ударните термини кога сите се враќаат изморени од работа би било одлично да има добар игран филм на телевизија.
о Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот кога тоа е на програмата и зошто?
– Јас лично избегнувам политика. И ако јас се прашувам би требало сите да го прават тоа. Нашите телевизии се затруени со политика и народот е преплавен со информации за тоа кој што направил, што згрешил, протести, незадоволства, се поттикнуваат конфликти, се буди нервоза. Да, треба да сме во тек со светските и државните збиднувања, ама не по секоја цена, не по цел ден, не да се слуша само критика и осуда, не само пропусти, грешки и изместена вистина. Политичарите би требало да си ја вршат својата работа, а гледачите да уживаат само во пријатни теми и да не си ги трујат своите животи со негативности.
За да има што помалку избегнување на канали, би требало да има што повеќе инвентивни и стручни новинари кои ќе знаат како со убави работи да го задржат вниманието на гледачите.
о Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?
-Отсекогаш сум ги ценела емисиите од типот на откривање непознати дестинации и места, ама афирмација на млади таленти е исто така добра идеја. Па така, добро би дошла една емисија каде би гостувале спортисти и би зборувале за своите достигнувања и начинот на живот, независни артисти кои се занимаваат со театар и уметност, млади филмаџии и нивни проекти, сопственици на мали креативни бизниси, талентирани луѓе од секоја бранша. Ја ценам креативноста и успесите и тоа треба да се пласира на јавноста. Тоа може да потикне поголема креативност.