Никаде во светот гледачите немаат привилегија на ТВ да изнесуваат свои фрустрации

За Борислав Тноковски, презентер на вестите во телевизијата „Канал 5“ гледањето на телевизиски вести треба да претставува дел од општата култура на секој човек.

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми и зошто?

– Со оглед на тоа што го работам , нормално би им препорачал да гледаат вести. Според мене телевизиските вести се најдобриот дневен пакет сублимирани информации коишто се потребни за некој да биде во тек со случувањата. Вестите ги сфаќам како еден вид општа култура и навистина не разбирам некој кога ќе каже дека не гледа вести , тоа е исто како да каже не читам книги. Може и да не сте љубител на спорт , но од општа култура би требало да знаете некои основни случувања на тоа поле. Многу поразбирливо за мене е да изгледате едни вести од половина час , со сите потребни информации спакувани во фин дневен пакет, отколку да листате по интернет милион вести и да читате коментари и препукувања на одредена тема на социјалните мрежи. Во ова море од информации што е достапно на интернет, сè уште ТВ форматот на вестите е најдобар избор и токму поради тоа мислам дека ќе опстанат низ времето како такви.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?

– Се очекува тука да кажам дека пред сè ми пречат турските серии кои се во голема мера застапени, но не е така. Тоа е тренд во многу земји… Некогаш е и потребно да се гледа нешто банално, како бегство и одмор за мозокот од напнатото секојдневие. Ми пречат дел од контактните емисии каде му се остава простор на секој еден гледач во етер да каже што му лежи на душа – да критикува, да навредува , да дава мислење на одредена тема , без разлика дали тоа е издржано или не. Среќа што имаме навистина одлични водители на овие емисии кај нас кои знаат добро да ја менаџираат ситуацијата, особено со непристојните гледачи. Никаде во светот гледачите или публиката во емисии немаат привилегија да изнесуваат свои ставови на телевизија, свои мислења и фрустрации. Можеби поприфатливо би било тие дневни теми да се коментираат во студио, исто така со обични граѓани, студенти, пензионери и други не толку јавно експонирани личности и тоа се практикува во регионот и светот како тв формат .

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

– Мислам дека да, дури и премногу се форсира само главниот град и случувањата во него , а се маргинализираат настаните во другите градови . Но, Скопје е генерално застапено преку дневно-политичките случувања во главниот град, а недостасува простор за културни и забавни случувања и настани . Ретко се отстапува простор за промоција на театарски претстави , филмски проекции , книги , дебати , иницијативи и концерти кои не се толку од комерцијален карактер, а Скопје изобилува со случувања од таков карактер .

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

– Ми фалат квалитетни телевизиски квизови , ми фали квиз култура во Македонија , со што и би се подигнало интелектуалното ниво на телевизиите и она што се прикажува … Зборувам за квалитетни квизови, со откупена франшиза и со строго пропишана селекција на натпреварувачи … Од забавниот сегмент ми фалат и реални шоуа – исто така со странска лиценца , која е најверојатно скапа, од типот на ( Survivor, X-factor, Got talent Гот , The Voice, Masterchef … )

Претходна вестШета ли марихуаната низ Македонија како на корзо?
Следна вест260 вакцинирани лица починале во Македонија од Ковид-19 од август до сега