Шета ли марихуаната низ Македонија како на корзо?

Сеприсутна е марихуаната во македонското општество. Скоро да нема недела, а во полицискиот билтен да не е посочено ново откривање на шверц со ова растение. 

Завчерашното пресекување на канал за шверц на марихуна на патот Прилеп – Битола при што се запленети 50 килограми оваа опојна дрога наменети за Грција само е ново на листата на полициските акции. Во април годинава, на патот Прилеп-Росоман полицијата во соработка со американската ДЕА откри 200 килограми марихуана во вредност од 800.000 евра и притвори шест лица. Во декември минатата година, пак, имаше две акции во кои се запленети 280 килограми марихуана во струмичко, а потоа следуваше уште една акција на автопатот Скопје – Велес каде е откриено возило со 100 килограми оваа опојна дрога, како и 60 килограми кај крушевско село. По сите тие акции МВР во тој период соопшти дека само во период од септември до декември минатата година биле запленети повеќе од 500 килограми марихуана…

Што се случува, зошто е ваква сликата на теренот? 

Очигледно е дека криминалното подземје не мирува. Полицијата ги демне, од МВР уверуваат дека се борат за Македонија да не стане важна трансферзала за швец на марихуана, но колку успева во тоа? Прашањето е колку уште вакви илегални товари останале неоткриени? Ќе се дозволи ли илегалната марихуана буквално да се шета по Македонија како на корзо?

Инаку, да потсетиме марихуаната беше споменувана и по арно. Имено, премиерот Заев неколку пати до сега укажуваше дека ако помине законот за опојни дроги во Собранието, Македонија може да очекува повеќе од 250 милиони евра од производство на канабис за медицински цели. Така ќе се отвореле и нови работни места. 

За жал, засега работни места отвораат криминалците – шверцерите. Полицијата е на потег тоа да го спречува уште поревносно.

Претходна вестЈунајтед Груп лансира EON TV платформа во Грција
Следна вестНикаде во светот гледачите немаат привилегија на ТВ да изнесуваат свои фрустрации