Колумна на Наташа Котлар – Трајкова:
Воопшто не е лесно да се живее во „РЕПУБЛИКА ФАНТАЗИЈА“! Тука, стварноста е нестварна, нереалното е реално, незнаењето е знаење, поразот е победа, апашлукот е доблест, компромитираниот политичар е специјална вредност, партиската политика е државна политика!?
Одредбите на Народното собрание, Владата и Претседателот на државата ја чинат и карактеризираат државната политика. А, улогата на Собранието овде е најзначајна, бидејќи тоа е и народен и највисок законодавен орган на власт. Тоа ратификува меѓународни договори; одлучува за војна и мир; избира Влада, врши политичка контрола и надзор над истата и друго. Што значи, Собранието во својата целост – позиција и опозиција, нема донесено и усвоено единствена државна политика за македонско-бугарските односи и постапки за во иднина. Така, неформалниот северен претставник за споменатото прашање на северната Влада, не ќе може да дејствува според државната политика, зашто таква НЕМА!
Единствено ќе ја застапува политиката на коалициските партии кои ја чинат Владата.
Но, ова е главниот адут на извршната власт – имавме прилика да ја видиме таа актерска изведба со насмеано муце, храбар став и стегната тупаница на северниот премиер, а и да ја слушнеме од министерот за северно-надворешни работи, кој упорно не прави разликува меѓу поимите „држава или државотворност“ од „партија или партиски“.
Најважно според нив е историчарите-комисисти да ги „доближат ставовите за Гоце Делчев“ со нивните бугарски колеги! Тоа пак, ќе ја вратело довербата дека решението е во Договорот, кој пак најмалку го погледнуваат!
А, како кулминација на ова не забораваат да пуштат со слика и со тон и по некое маженце што се топори пред јавноста и вели дека нема да дозволи да бидат негирани македонскиот идентитет, македонскиот јазик и „нашата“ национална посебност. Да не е ова страшно и тажно, најдобро би било да се изнасмееме на безубразлуков.
Ни Солунските патрдии не им се рамни! Ниту знаат што им пишува во „добрососедскиот“ Договор, ниту го разбрале. Само создадоа проблем и ја раскрчмија ИСТОРИЈАТА, небаре е таа диво месо, особено со своите најзначајни датуми 2 Август и 11 Октомври. Достоинството на еден народ, респективно и на македонскиот, стои далеку над она што може да го направи каква и да е историска манипулација, макар таа била и севернополитичка направија!