Не ни треба увоз за квалитетен спорт туку засукување ракави

Колумна на Горан Милковски:

Во период кога се уште имаме поделби на едни кои скептично гледаат на корона вирусот и на други кои ја почувствувале неговата суровост на своја или на кожата на некој близок, спортот е далеку од приоритетите во секојдневието. Но, колку и да потрае пандемијата, мора да научиме да

живееме со неа. Во меѓувреме, спорт има и во светот и кај нас, најчесто во екипните околу кои главно се вртат парите, а има по некој настан во индивидуалните спортови, но во редуцирана форма и под нормалните стандарди.

А веќе сме на прагот сме на 2021 година, за која се одложени голем дел од големите спортски настани. Пред се Олимписките игри во Токио, каде што борачот Нуров има олимписка норма и надежта дека уште некој од македонските спортисти ќе му се придружи. Во преден план се боречките спортови, најмногу каратето поради континуитетот медали на големите натпреварувања, потоа теквондо, можеби уште некој борач. Сите други во изминатиот олимписки циклус не покажаа дека може да се носат со светската елита.

А кога веќе нема Олимпијада, од екипните спортови на одбележувањето 30 години независност, фудбалската репрезентација ќе дебитира на европско првенство. Пандев и дружината се изборија заслужено и го остварија сонот на сите генерации фудбалери. Голем комплимент е што од „екс Ју“државите, на ЕУРО ќе биде само уште Хрватска. Во 2021 шанса за втор едноподруго настап на европско имаат и одбојкарите, многу помалку од нив кошаркарите, а ракометарите по подолга низа, го пропуштаат светското во јануари.

Ја споменавме поранешната држава која беше спортска велесила, а репер за успех значеше подиум. Редок пример за доминација на македонски спортисти беше во борењето, трофејни беа и боксерите. Пристапот и посветеноста промовираа врвни спортисти предводени од најуспешниот, олимпискиот шампион Шабан Трстена. Но, по 1991 година критериумите се спуштија надолни граници, резултатите беа се поретки. Секоја чест за Моги и олимписката бронза во Сиднеј, но тоа дополнително ги мотивира сите кои бараа брз успех во спортот. Увозот на странци стана тренд, особено во екипните спортови во кои најважна им беше борбата за домашни трофеи, при што се повеќе се заостануваше зад европскиот просек. Спротивно од сите успешни земји. И што е најлошо, сето тоа директно придонесе за уништување на мотивот кај младите таленти.

И да се навратиме на Токио. Не е спорно дека на Нуров сите му посакуваме да го повтори успехот на Моги. Но, можеби ќе излезе уште некој увозен кој ниту живеел, ниту ќе живее тука, а најмалку ќе придонесе за развој на македонскиот спорт. Затоа и сега, а уште повеќе во иднина треба и

државата и националните федерации да размислуваат – дали ни е приоритет ангажирање на странци за еднократна употреба, или пак темелна работа за создавање на сопствени врвни спортисти. Досегашната пракса донесе многу фрустрации, затоа време е да ги засукаме ракавите и да почнеме да ги менуваме навиките!

Претходна вест„Опел“ влетал кај нотар во Автокоманда
Следна вестВо скопските ковид-центри за 24 часа се хоспитализирани 44 пациенти