Нормално ли е: Мене да ми е добро, другото не ме интересира?

Колумна на Владимир Величковски:

Сите контрасти и крајности, погубните поделби и невкус се концентрирани во Скопје. Партиите создадоа пустош, корумпирана држава и растурено општество во кое главно сиромашните се обесправени.

Во Скопје и натаму се гради без контрола, што го задушува животот во градот. Во целото сивило и стравот во градското секојдневие ми остави впечаток емотивно изразената радост на Пандев за постигнатиот гол, гордост за македонскиот народ. Марадона, фудбалскиот волшебник и „револуционер во срцето“, во филмот на Кустурица (2005-2007 г.): „Горд сум што сум Аргентинец. Имам желба народот да сфати дека стремиме кон достоинство,а не кон насилство. Да го одбраниме она што сме ние, ништо повеќе.“ Тој искрено ќе проговори за своите пороци, но исто така многу отворено и критички спрема американскиот империјализам (битниците во 60-тите години не се качија на „возот на капитализмот). Марадона го посети Белград по НАТО бомбардирањето со „осиромашен ураниум“, што и за нас беше многу страшно. Пеле напиша трогателно писмо до починатиот пријател.

Не се обединивме ниту против корона вирусот, а врз психата делува страшно и секојдневната црна хроника (меѓу другото гледаме како бегалци гинат по нашите патишта), а малку надеж дава понекој прилог за бездомници и народна кујна.

На програмата може да се види добар филм, а со задоволство ја гледаме репризата на детската серја „Бушавата азбука“. Наутро прво го гледам густиот чад од Топланата -сигурен знак на загаденоста (во земја без индустрија). Работници чистат есенски лисја, а тие повторно се натрупуваат, додека ѓубрето збогатено со заштитни маски и ракавици не се расчистува. Во ниту еден супермаркет не сум забележал да се почитува протоколот за заштита од корона вирусот, што е страшно загрижувачко. Следи уште една мачна (иконовидна) слика од стварноста: мајка со доенче на градата – питачи, ама ниту еден возач на „бесна“ кола не и подава некој денар за леб. Тоа е слика на саможив и отуѓен човек кој не му верува никому. Бебето го чувствува студот, а детските цртежи подоцна добиваат темни тонови. Тие многу рано ќе дознаат што значи (пот)купување за оценка или диплома (такви ќе седнат во некоја институција и ќе упропастуваат животи), како лагите и лицемерието се на цена, особено вештината да се краде и како не се почитува чесниот труд и постигнувања. Нормално е вака да се размислува и прави: важно мене да ми е добро и чисто, другото (градот и човекот) не ме интересира.

Претходна вестМакедонското село на Водно станува Потемкиново село
Следна вестЗасадени над 15 илјади садници на повеќе локации во Скопје