Темно Режим Светло Режим

Нелоски реагира на обвинувањата на СДСМ: Татко ми не учествува во државни тендери

Владимир Нелоски, шефот на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски, преку објава на социјалните мрежи реагираше на денешната прес-конференција на СДСМ, на која беа изнесени обвинувања дека тендерските мрежи поврзани со фирмата „Пирамид билдинг солушнс“ водат до него.

Социјалдемократите на прес-конференцијата тврдеа дека таткото на Нелоски минатата година станал содружник во фирмата за облека „Трго строј“ ДОО Скопје, чиј сопственик и управител е Оливера Доновска, сопруга на сопственикот на „Пирамид билдинг солушнс“.

Во својата реакција, Нелоски потврдува дека неговиот татко е дел од наведената приватна фирма, но нагласува дека таа не учествува на државни тендери, нема добиено тендер и дека на никаков начин не може да влијае или да носи одлуки поврзани со државни набавки.

Advertisement

„Како и секој човек, па и мојот татко, кој цел живот работи чесно во приватниот сектор, има право да работи. Тој со трговија започнал да се занимава уште пред осамостојувањето на Македонија“, наведува Нелоски во објавата на својот приватен фејсбук-профил.

Тој ги оцени прес-конференциите на СДСМ, на кои се изнесуваат обвинувања за тендери доделени на фирми наводно блиски до актуелната власт, како нечесни и валкани, тврдејќи дека изобилуваат со невистини, креирани информации и полуинформации.

„Колегите од СДС треба да знаат дека со невистини, лаги и манипулации не се добива довербата на граѓаните. Така се губи и целосно паѓа сликата за партијата која денес е потоната во криминал и корупција, лични интереси и фракции“, истакнува Нелоски.

Тој го повика Социјалдемократскиот сојуз тврдењата што ги изнесува на прес-конференциите да ги формулира во потврдна, а не во прашална форма, со цел, како што наведува, да може да поведе соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните институции.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Без планови, без дозволи, без контрола: Ревизорски аларм за Охрид

Следниот Пост

Манчестер јунајтед без Доргу до десет недели, под знак прашалник настапот против Македонија