Ново концептуално зеленило и поставување нови паметни клупи во Центар

 

Започнува реализирање на проектот “Еко иновативни зони за почист воздух”. Проектот предвидува партерно уредување на зелена зона на улицата „Васил Главинов“ на Сквер Јадран, со ново концептуално зеленило и поставување нови паметни клупи. Ова денеска го најавија градоначалниците на Општина  Центар и Град Скопје, Саша Богдановиќ и Петре Шилегов, како и претседателот на Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина – Гоу Грин Скопје, Антонио Јовановски.

-Потребата за еден ваков проект беше неопходна за центарци, но и за сите граѓани на територијата на Град Скопје. Потребна ни беше нова стратегија која ќе се базира на основните еколошки и социјални принципи за одржлив развој на нашиот град. Поставувањето на трите паметни клупи се важен дел од аспект на одржлива урбана опрема која ќе овозможи услуга во секојдневието на минувачите, како и неверојатни погодности за граѓаните. Новите паметни клупи ќе обезбедат бесплатен интернет, сензор за квалитет на воздухот и полнење на мобилни уреди од соларна енергија. Секој граѓанин, преку користење на мобилна апликација ќе може да ги користи придовките од паметната клупа, посебно во делот за мерење на индексот на загадениот воздух во Скопје, истакна градоначалникот Богдановиќ.

Здржението Гоу Грин преку овие паметни клупи според Меморандум потпишан со Општина Центар ќе прибира средства за одржување на еко зоните и проширување на нивната содржина во иднина.

Главниот концепт е поставување зелена зона, како континуирана лента на зелен појас во централното градско подрачје од двете страни на профилот на улицата “Васил Главинов” со широчина од 120 см. Во рамки на оваа зона, предвидено е садење на нов дрворед од 20 дрва Јапонски цреши како и континуирано ниско зеленило во долната зона со зелени грмушки. Со ова ќе се намали поплочената површина и ќе се зголеми површината со зеленило долж тротоарот за движење на пешаците и велосипедистите.

-Покрај зелената зона предвидени се нови клупи за седење и корпи за отпадоци, како и корпи за селекција на отпад, а постојните елементи од урбаната опрема и зеленило кои се оштетени и нефункционално поставени, ќе бидат отсранети, а ќе се задржат канделабрите со зеленило кои дополнително ќе бидат искроени, средени и адаптирани во новиот концепт на зеленило. Вкупниот износ на целиот проект изнесува 39.000 швајцарски франци, со дополнителна финансиска поддршка од Општина Центар за реконструкција и хортикултурно уредување на дел од ниското зеленило и донација од Фондот на холокаустот на Евреите од С. Македонија за поставување нови 20 дрва од видот Јапонски цреши, изјави Богдановиќ.

Претходна вестПандев по синоќешната победа: Македонија вечна!
Следна вестВозачите се подисциплинирани или полицијата олабави: Вчера само 33 лица возеле пребрзо