Наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик , донел надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во текот на вчерашниот ден.
Неофицијално се дознава дека првоосомничениот во случајот е поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а третоосомничен е Ристо Новачевски, кум на Груевски. Меѓу осомничените се и Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ, бизнис-партнер на Орце Камчев. Овие лица се опфатени и со случајот „Империја“ за измами и перење пари.
Во денешното соопштение се наведува дека во периодот од 2006 до 2012 година првоосомничениот искористувајќи траен однос и исти прилики противправно за себе присвоил туѓи подвижни предмети што му биле доверени. Имено, тој како претседател на политичка партија дел од паричните средства кои во овој период ги примил лично или преку општинските комитети на партијата како донации за финансирање на политичката партија, не ги прикажал како примени донации во финансиските квартални извештаи на партијата и од нив за себе присвоил пари во износ најмалку од 1.300.360 евра или 79.972.140,00 денари.
–Во периодот од октомври 2012 година до септември 2013 година средствата прибавени со кривичното дело – Затајување од чл.239 ст.3 вв ст.1 од Кривичниот законик ги пуштил во оптек со купување на градежно земјиште на Водно. Второосомничениот, иако знаел дека паричните средства се прибавени со кривично дело, стапил во контакт со сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и побарал документацијата, печатите и жиросметката да му бидат дадени на располагање. Во јули 2012 година била основана фирма – ќерка во Скопје на која, по претходен договор со првоосомничениот, станал управител третоосомничениот. На сметката на правното лице во повеќе наврати биле пуштени во оптек средствата прибавени со кривично дело. По постигнување на согласност за купопродажната цена, третоосомничениот во својство на управител на правното лице извршил плаќање кон сопствениците на земјиштето, со што бил прикриен изворот на парите и вистинскиот сопственик на земјиштето со вкупна површина од 11.000м2, се наведува во соопштението
Во информацијата се додава дека во периодот од 20 јули 2015 до 26 јуни 2019 година, по јавно објавените разговори кои ја откриваат сопственоста на градежните парцели во КО Центар 2, со цел да се прикрие вистинскиот сопственик третоосомничениот како управител на правното лице, ја пренел сопственоста на друго правно лице.
–Тој, по претходен договор со првооосомничениот, користејќи полномошно издадено од сопственикот на правното лице од Белизе ја пренел сопственоста на правното лице чиј управител е петоосомничениот, а шестоосомниченото лице се јавува како краен сопственик на правното лице. За да се прикрие локацијата, движењето и сопственоста на имотот „новите сопственици“ донеле одлука за преименување на правното лице и одлука за физичка делба на парцелата од 6785м2 на три нови парцели. За да ја прикријат локацијата и сопственоста плацовите биле пренесени на физичко лице без платен удел, но со определен рок од 3 години за исплата на купопродажната цена, наведува Обвинителството.
Во утринските часови денеска, третоосомничениот е лишен од слобода и ќе биде изведен пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд во Скопје. Обвинителството ќе му предложи на судот на осомничениот да му биде определена мерката притвор. За останатите осомничени судот веќе има изречено превентивни мерки за обезбедување на присуство во други предмети, а првоосомничениот е недостапен на органите на прогон.