Поранешниот косовски министер за инфраструктура Пал Лекај е осуден на три години и осум месеци затвор за случајот со доделувањето дополнителни 53 милиони евра на американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ за изградба на автопатот „Арбен Џафери“ кој ги поврзува Косово и Македонија, објави косовскиот весник „Коха“. Ексминистерот е осуден за злоупотреба на службената положба и намерно оштетување на државниот буџет. Судскиот совет на Основниот суд во Приштина ги прогласува за виновни уште и обвинетите соработници на Лекај: Небих Шатри, Есет Бериша и Бесим Тахири. Есет Бериша беше осуден на три години и три месеци затвор и три години забрана за вршење јавни функции по завршувањето на затворската казна, а Небих Шатри и Бесим Тахири беа осудени на по една година и осум месеци затвор и две години забрана за вршење јавни функции.
Лекај, како шеф на Меѓуминистерскиот совет за изградба на автопатот, го ангажирал својот советник Есет Бериша да преговара за дополнителните трошоци со компанијата. Со помош на Бериша, Лекај „целосно го игнорирал“ мислењето на компанијата за надзор „Хил интернационал“. Надзорот заклучил дека владата ѝ должи околу 14,8 милиони евра на „Бехтел и Енка“, чии „дополнителни финансиски барања“ ги нарекува „целосно неразумни и неприфатливи“.
-Со криење и непретставување на реалната состојба на другите членови на министерскиот совет, Лекај заедно со Бериша, им претставија лажни факти… да препорачаат владата да го одобри барањето на „Бехтел и Енка“ за 53,1 милиони евра , за продолжување градежни работи, се вели во обвинението за случајот.
Мислењето на Хил можеше да ѝ заштеди на владата околу 38 милиони евра.
Одлуката на судот може да се обжали.