Антикорупциската комисија ќе се укине или во Обвинителството некој ќе дава оставка?

Криминалот и корупцијата цветаат во Македонија. Дури и политичарите велат дека треба повеќе да се запне за да се победи корупцијата која ја цица државата. Ама се прави ли тоа?

За пет години Државната антикорупциска комисија поднела 56 иницијативи за покренување постапка за крвично гонење на одредени раководни и службени лица, но ниту една не била процесуирана. Што ова кажува?

Всушност, правосудните органи уште од 2002 година, од случајот „Бачило“, не процесуирале ниту една од околу 200 поднесени иницијативи за кривично гонење кои ги поднеле и поранешните состави на Државната комисија за спречување на корупцијата. Ваквите податоци кои вчера ги изнесе досегашната прва антикорупционерка Билјана Ивановска не може да не го загрижат секој добронамерен во Македонија.

Зошто нивните поднесени иницијативи не доживуваат и судски епилог? 

Можно ли е 56-те иницијативи од последните пет години, но и 200-те од последните дваесетина години, да не биле доволно аргументирани, во нив да немало доволно доказен материјал, да не биле соодветно поткрепени? Па, во Комисијата седеа и сериозни луѓе кои си ја знаат работата, зарем баш секогаш згрешиле? Секако, теоретски, можно е. Ама…

Навистина ли е потребно многу време за иницијативите на антикорупционерите да добијат некаков одговор? Малку ли се три-четири години за Јавното обвинителство да се произнесе?

На сето ова треба да се даде објаснување.

Во спротивно, се отвораат две дилеми: Првата е – дали на општеството му треба ваква ДКСК со вакви законски можности? Дали е потребна Комисија чие работење и опремување чини многу, а која на крајот не дава конкретни ефекти оти стана навика никој да не ја ферма? Втората дилема, пак, е врзана за Јавното обвинителство односно правосудниот систем. Ако тие не се во состојба да ги процесуираат и да даваат брзи одговори на иницијативите на антикорупционерите, дали некој треба да понесе одговорност, па и да поднесе оставка?

 

Претходна вестОсуден поранешен косовски министер, доделил дополнителни средства на „Бехтел и Енка“ за изградба на автопат кон Македонија
Следна вестТешко повредена 68-годишна жена во Карпош, ја удрил „Џип“