Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница ги потврди резултатите од локалните избори и имињата на новите градоначалници во четири општини.
За градоначалници се потврдени Ваљбон Лимани и Исен Шабани од Национална алијанса за интеграција, Онер Јакуповски од коалицијата „Твоја Македонија“ и Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците, кои ќе ги предводат општините Гостивар, Врапчиште, Маврово Ростуше и Центар Жупа.
Потпретседателот на ДИК, Абдуш Демири, информираше дека Комисијата ги задолжува општинските изборни комисии веднаш да постапат согласно Изборниот законик и да ги објават конечните резултати од гласањето одржано на 11 јануари.
Членот на ДИК, Ангелчо Ристов, се осврна на избирачкото место 0782 во Гостивар, каде што поради лоши временски услови не било спроведено гласање. Тој појасни дека на тоа избирачко место биле запишани само 23 гласачи и дека нивниот број нема влијание врз конечните резултати за изборот на градоначалник во општината.