Путин на борците на Вагнер им понуди три опции, да бидат префрлени во Белорусија доколку сакаат, да потпишат договор со Министерството за одбрана или едноставно да се вратат кај нивните семејства. Но за одговорните за вооружениот бунт Путин рече дека ќе бидат казнети.
Рускиот претседател Владимир Путин во своето обраќање до нацијата на тема „запрен вооружен бунт“ вети дека одговорните за вооружениот бунт што ја фрли неговата земја во хаос ќе бидат „изведени пред лицето на правдата“.
Путин рече дека ќе го испочитува своето ветување дека ќе дозволи борците на Вагнер да бидат префрлени во Белорусија доколку сакаат, да потпишат договор со Министерството за одбрана или едноставно да се вратат кај нивните семејства.
Тој не го спомна шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, кој го започна вооружениот бунт.
Рече дека Русија во саботата докажала дека секоја „уцена“ е осудена на пропаст и им понудила на членовите на групата Вагнер да се приклучат на војската, да одат во Белорусија или да се вратат дома.
– Ви благодарам за вашата издржливост, вашето единство и вашиот патриотизам. Оваа солидарност на граѓаните покажа дека секоја уцена (…) е осудена да пропадне. Мнозинството во Вагнер се исто така руски патриоти. Ја покажаа својата храброст во одбраната на Донбас, но беа охрабрени да се борат против своите сонародници. Со враќањето назад избегнаа понатамошно крвопролевање, рече тој во обраќањето до нацијата, пред да им понуди на војниците од паравоената група да потпишат договор со редовната армија, да се „вратат во нивните семејства и најблиски“ или „тие одат во Белорусија“, пренесе агенцијата АФП.
Путин, исто така, му се заблагодари на белорускиот лидер Александар Лукашенко, кој наводно посредувал за договор за ставање крај на кризата.