Што е со водата во Стајковци, Автокоманда и тој дел на Гази Баба, понекогаш има многу песок и тече обоено, меѓу црно и кафено – прашуваат скопјани до „Скопско ехо“. Не се случувало често, но се многу исплашени. Бараат одговори дали можеби ова има врска со катастрофалната поплава во Стајковци пред неколку години што однесе и човечки животи…
Преку медиумите се обратиле и до „Водовод и канализација“, оти на индивидуалните пријави до претпријатието никој не одговорил иако им ветиле дека ќе испратат екипа за да се утврдува за што се работи. До денеска никој не се појавил.
За дел од медиумите „Водовод и канализација“ тврди дека водата е апсолутно безбедна и дека на неделно ниво се правеле испитувања за нејзиниот квалитет земајќи примероци од повеќе места во Скопје.
-Секторот за санитарна контрола еднаш неделно објавува извештај за квалитетот на водата земајќи над 140 примероци за физичко-хемиска и примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од над 38 мерни места во град Скопје, велат од претпријатието.
Сепак станува прашањето – што се случува со водата во реонот на Стајковци? Зошто да не се делува превентивно и детално да се испита што се случува со водата, да се реагира на конкретна пријава и да не се даваат формулирани одговори, а од друга страна состојбата можеби некого да чини здравје? Време е да има конкретни и директни одговори на вака поставените прашања.