Му треба ли на градот, навистина, новогодишно украсување за кое ќе се потрошат 200.000 евра? Прашањето е актуелно ако се знае дека имаме ситуација кога опасниот корона вирус се шири неконтролирано и бара нови и нови мерки и вложувања за да се одбраниме од него. А властите велат дека кубурат со пари…
Зарем состојбата не е таква да бара секаде каде што е можно да запрат непотребните трошења? А украсувањето на градот, очигледно, ќе биде непотребно трошење, особено што красењето може да се направи далеку поскромно.
Здравствениот систем е веќе на колена и бара помош, донации… Зошто средствата наменети за светлечки чадорчиња и ѕвездички да не се потрошат за подобро здравство, за потребите на сиромашни ученици чии семејства немаат пари да им купат лап-топови за следење на онлајн наставата, за загадувањето…
Намената лесно ќе се најде и во тоа не смее да има пречки и оправдувања од типот дека законската регулатива не дозволува пренамена на градските буџетски средства. Пренамена може да направи оној кој претходно за друго односно за украсени елки ги наменил. Ако тоа не било можно, тогаш како и зошто се прават ребаланси на буџетите?