Друштво „Илинден“:  Со пописот во 2011 година во Албанија за Бугарин не се изјаснил ниту еден граѓанин во земјата

Неосновани се тврдењата на друштвото за бугарско – албанско пријателство од Корча за постоењето на бугарското малцинство во Албанија, реагира денеска со соопштение Македонско друштво „Илинден“ – Тирана. Друштвото „Илинден“ потсетува дека со пописот во 2011 година во Албанија за Бугарин не се изјаснил ниту еден граѓанин во земјата, а тоа било потврдено и со посебниот извештај на Народниот правобранител од 2014 годна каде стои дека според етничката припадност и култура живеат припадници на македонското, грчкото, влашкото, српското, црногорското, ромското и египќанското национално малцинство.

-Но, Бугарија од позиција на членка на Европската Унија, ја уценуваше албанската држава да измисли и да докажува дека Македонците во Албанија се Бугари. Заканувајќи се со бугарското „демократско и европско вето“ за Албанија за почнување на преговори за пристапување на албанската држава во Европската Унија, успеаја да издејствуваат непостоечко бугарско малциство во Албанија. Заканите врз албанската Влада вродија со плод, па така, на 12 октомври 2017 година Парламентарната правна комисија едногласно прифати во текстот на законот да биде вметнато и бугарско малцинство. Се разбира, единствената македонска партија во албанскиот парламент – партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), се изјасни против вклучувањето на бугарско малцинство во законот за националните малцинства во Албанија. На тоа, реагираа Македонците во Албанија, кои сметаа дека признавањето на непостоечко бугарско малцинство во областите Преспа, Голо Брдо и Гора е кршење на меѓународното право, бидејќи овие области се населени со Македонци, а не со Бугари, наведува друштвото „Илинден“.

Друштвото потсетува и на изјавата на тогашниот шеф на албанската дипломатија, Дитмир Бушати, кој на барањето за признавање бугарско малцинство во Албанија одговори дека „и во Италија има илјадници албански државјани со италјански пасоши па тоа не значи дека таму има албанско малцинство“,но сето тоа се смени „по бугарската закана со вето за започнување преговори со ЕУ“.

-Останува нејасно, од кога тоа раководството и членството на друштвото за бугарско-албанско пријателство од Корча се осознаа за Бугари или тоа зависи и од „хуманитарната помош“ која Бугарија им ја обезбеди или ќе им ја обезбедува. Секако, таа хуманитарна помош новопечените Бугари ќе треба да ја одработат со уценување или ветување на нови и нови бугарски пасоши на Македонците за да избегаат од родните огништа во потрага по пристоен живот. А секако ќе се сложиме дека работата на еден потпретседател на општина Пустец е создаде услови за работа и пристоен живот во општина Пустец, а не да ги одродува Македонците, стои на крајот од реакцијата на МД„Илнден“ потпишана од претседателот Никола Ѓурѓај.

Од “Илинден“ додаваат дека своите ставови и објави ги потпишува со името и презимето на претседателот, за да се знае дека има и претседател, раководство и членство, претставувано од претседателот и никогаш не се затскривало јасно и гласно да го каже својот став.

-Претседателот на МД„Илинден“-Тирана е Македонец, роден во Тирана со предци кои потекнуваат од Голо Брдо. И затоа не се срами, како Македонец да се потпише на реакцијта на членството на друштвото што го претставува. За разлика од тоа, реакцијата на друштвото за бугарско-албанско пријателство од Корча нема потпис, ниту име на претседател, ниту заменик. Па, прашањето кое реално се наметнува е кои се тие Бугари во Албанија кои се срамат да си го напишат името како Бугари? Или, дволичноста повеќе се исплати, прашува друштвото.

Претходна вестБензините поскапуваат за по половина денар
Следна вестДвајца Албанци фатени со марихуана, па нападнале полицајци