Колумна на Никола Тасев:
Се сеќавате ли колку мрчеа Петре Шилегов и неговата СДСМ кога Груевски и Коце почнаа да го градат „Скопје 2014. Еден од главните аргументи им беше дека за таква крупна работа не се прашани скопјани.
Ете, сега тие се на власт и ги прашуваат ли скопјани за крупните проекти што имаат намера да ги прават?
А, актуелната власт има големи планови за Скопје: ќе ја рушат Универзална сала, ќе се градат висококатници, ќе го пробушат Кале со тунел, ќе се задолжуваат за прочистителна станица, Дрисла отиде под концесија…
Поранешните власти пак, без да прашаат комплетно го сменија изгледот на градот и правецот во кој инфраструктурно се развиваше. Му „облекоа“ нов идентитет со мегаломанскиот проект од 2014. За некои Градот сега е поубав и модерен, за некои е грд и непрепознатлив.
Зошто во Скопје, но и во останатите општини за вака важни прашања нема граѓанско изјаснување преку референдум?
Секоја покрупна промена, нова акција, локалните власти мора да ја прават во дијалог со стручната јавност и со граѓаните. Предлозите да се бараат на конкурс, а преку јавни расправи да се уважуваат различните мислења и ставови. Крајното решение е избор на мнозинството.
Дури и во недемократскиот поранешен комунистички режим, властите редовно комуницираа со граѓаните, а Скопје и општините се развиваа во корист на заедницата. Сега, комуникација е еднонасочна, а развојот оди во правец на задоволување на градските челници и инвеститорите блиски до нив.
Кои се три работи што не смее ниту еден градоначалник на Скопје да ги направи без директно да ги праша граѓаните?
Прво, урбанистичките планови не смеат да бидат школска табла, на која, секој што доаѓа на власт ќе шкрта свои размислувања за Градот. Па така, водејќи се од својата будалаштина, нема да му е битно што граѓаните ќе се загушуваат во високите згради, во центарот на Скопје ќе нема ниту воздух, ниту небо, во Аеродром и Дебар Маало ќе нема место игла да се фрли, а Водно ќе се искасапи за да се насадат згради.
Второ, проекти за кои е предвидено поголемо задолжување, како и одлуки за давање под концесија на јавни претпријатија не смеат да се реализираат без граѓаните да ја искажат својата потреба од нив.
Трето, пренамена на историски, културни и спортски објекти од големо значење не смее да биде само одлука на градоначалникот или советот. Ако треба да се руши Универзална сала или СРЦ Кале и на тоа место да се градат нови згради, скопјани треба да го кажат своето мислење.
Референдуми распишани по граѓански иницијативи се секојдневие во европските земји. Во Швајцарија дури граѓаните се прашуваат и за помалку важни прашања: на пример дали некоја улица треба да биде еднонасочна или двонасочна.
Кај нас никој не го прашува народот, а преку лажни и наштимани анкети властите докажуваат дека нивните предлози се одобрени. Затоа за нив референдумот е само луксуз што не сакаат да си го дозволат, а оние и кои имале некаква иницијатива биле обележани како непријатели на народот.
Сепак среќа е дека Шилегов и не направи некоја крупна работа во Скопје, па така и не не заобиколи премногу во значајни одлуки.