За Триумфалната порта и споменикот на Мајка Тереза

 Колумна на Владимир Величковски:

Натрупаноста и непречистениот Пантеон на најзначајни личности содржан во проектот „Скопје 2014“ ја дополнува претставата за едно големо промашување со намера да бидат цврсто, но сепак хаотично поставени во просторот. Проектот е дело на едно арогантно Јас наспроти едно анонимното и немо Ние. Зградите и „монументите“ (не зборувам посебно за претставените личности) се подигнати за релативно кус временски период (некои се дивоградби), неселективноста и неконтролираното зголемување на нивниот број јасно зборува за интереси кои излегуваат од просторот на хуманоста, уметничката вредност и отсуство на визија со јасно дефинирани елементи.

Деновиве ја слушнавме долго очекуваната информација: ќе се руши високиот бетонски постамент, подигнат во тесен простор врз кој требало да биде подигнат монумент посветен на Мајка Тереза, повисок од околните „модерни“ згради. Таквата одлука е сосем оправдана затоа што станува збор за лошо одбрано, недостоинствено место за претставување на една значајна личност.

Факт е дека (освен бројноста) не е изведено особено значајно дело посветено на Мајка Тереза чија хумана мисија, остварена меѓу сиромашните и болните во Калкута го восхитува светот. Околните згради всушност (меѓу нив и оние кои не се довршени) го затвораат и задушуваат просторот на плоштадот. Се сомневам дека овој тежок проблем не ќе може да го разреши никој, ниту некоја меѓународна комисија без да создаде друг вид проблеми.

Не е голема штета (пред се заради отсуството на позабележителен квалитет) да се сруши и Триумфалната порта (симбол на едно владеење, повремено место на манифестирање успешни настапи на земјата итн.).

Меѓутоа се поставува едно слично прашање: објектот не го попречува движењето во пешачката зона на централното градско подрачје, секако не повеќе од модерниот архитектонски објект (покрај ГТЦ, речиси залепен до зградата на ЕВН, со катастрофално оштетената фасада, зграда која целосно го покри и уништи првиот облакодер во градот).

Секој дел од градот ја отсликува целината, или: секое брзо и непромислено отстранување (рушење) на дел од едно безумие може да создаде нов проблем или нова дисхармонија на невкус. Не може да ни помогнат ниту, малку стручните но партиски мотивирани плукачки колумни за и против. Недостасува стручна критичка мисла.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Комисијата за заразни болести се стави во функција на извршител на Заев и Филипче
Следна вестПолицијата го приведе Ристо Новачевски, кумот на Никола Груевски