Сто години Зоолошка градина во Скопје! Убав јубилеј, ама и потсетник колку малку грижа и внимание имала во минатото. Со децении оваа институција беше оставена сама на себе, со минимални инвестиции и без јасна стратегија за развој. А последиците ги видовме: стари живеалишта, лоши услови и случаи кои ја вознемирија јавноста, угинати животни, заклани коњи, недостиг на храна…
Тоа не се случувало преку ноќ, туку е последица на, со години занемарување од страна на градските власти.
Во светските градови, зоолошките градини се повеќе од туристичка атракција – тие се огледало на културата, грижата и односот на едно општество кон природата и животните. Токму таму се гледа колку една држава инвестира во хуманост, едукација и современи стандарди.
Сепак мораме да признаеме дека последниве години има подобрување. А слушнавме и најави за реконструкции на живеалишта, особено на оние стари по 50 години. Но ова мораше многу порано да се направи.
Затоа, овој јубилеј не треба да биде само славење, туку и опомена. Затоа што Скопската зоолошка има потенцијал, има 500 животни, стотина видови и традиција што ретко кој град ја има. Но, без континуирана грижа и вложување, секој напредок ќе биде краткорочен.


